Редовната 165. седница на Владата утре ќе се одржи во Тетово со почеток во 19 часот.

Во склоп на одржување на утрешната седница ќе има и министерски теренски активности, меѓу кои увид во реконструкцијата на регионалниот пат Тетово – Јажинце, увид во градежни работи на системот за наводнување Равен – Речица и посета на клиничкиот центар Тетово.

На седницата, пак, ќе се најде предлог-буџетот на Македонија за 2020 година. Исто така, на предлог на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на дневен ред ќе биде усвојување на предлог-програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019 година.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, владата ќе одлучува и по предлог-програмата за изменување на Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2019 година.

Министерство за образование и наука за оваа седница ги стави на дневен ред предлог-програмата за изменување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година, како и информацијата со Предлог за воспоставување регионални центри за стручно образование и обука.