Владеењето на правото има централно значење за Франција и за сите држави-членки на ЕУ

ИНТЕРВЈУ СО ФРАНЦУСКИОТ АМБАСАДОР, КРИСТИЈАН ТИМОНИЕ

Франција изминатиов период е во фокусот на домашната јавност по блокадата за одредувањето датум за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ и по обелоденувањето на новата методологија за проширување на Унијата. На оваа и други актуелни теми поврзани со евроинтегративните процеси на Македонија разговаравме со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние

Каков е вашиот став по препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците?
Мислењето на Венецијанската комисија има голема вредност и тоа произлегува од едно од најпочитуваните тела кога зборуваме за демократија и човекови права. Под покровителство на Советот на Европа, како најстара европска институција за човекови права, нејзиното мислење го даваат плејада искусни правници што се грижат за гаранциите што треба да им се обезбедат на вредностите што ги споделуваме на нашиот континент, како и да го зацврстат владеењето на правото. Францускиот нонпејпер за методологијата на проширување на Унијата го наведува почитувањето на препораките на Комисијата како еден од критериумите за објективно оценување дали една држава ги исполнува условите да биде вклучена во проширувањето.

Во заклучоците на Венецијанската комисија јасно се нагласува дека албанскиот јазик, сепак, е само јазик на малцинство во Македонија и решението не треба да излегува од рамката за правата на другите малцинства, кои важат секаде во ЕУ и во светот. Но, наспроти тоа, реториката што се користи во одредени партиски кругови преку изјавите во јавноста оди дотаму што се потсетуваат на случувањата од кризата од 2001 година, што може да се толкува и како закана со војна, доколку се промени и една запирка во постојното решение на кое сериозни забелешки има токму Венецијанската комисија.
Според вас, која е причината за ваквите ставови, политики и методи на перманентни притисоци и закани и дали можеби ваквите закани се и закани кон ЕУ и нејзините тела?
Ова прашање содржи неколку заклучоци, што ми се чини дека излегуваат надвор од темата и се плод на една поделена интерпретација. Тоа не е целта на релевантните експерти од Комисијата, кои сакаат да помогнат да се најде правна основа според воспоставените европски критериуми. Во време кога јавното мислење во земјата е речиси едногласно кај сите заедници во однос на нејзината идна европска интеграција, се чини корисно да се земе предвид ваквиот пристап. А тој има за цел конечно, како што разбраа сите, да дојде до олеснување на европската интеграција на земјата и јас ќе се држам, што се однесува до мене, кон генералната изјава дадена од властите, дека мислењето мора да се земе предвид. Тоа е позитивна реакција што е насочена кон иднината и треба да претставува еден вид појдовна точка.

Една од најголемите забелешки на Франција за патот на нашата земја кон ЕУ се однесуваше токму на практикувањето на владеењето на правото и правната држава? Какви се вашите впечатоци за состојбите во моментов? Во истиот контекст, ќе има ли импакт најавениот ветинг во судството?
Прашањето за владеењето на правото има централно значење за Франција, како впрочем и за сите држави-членки: тоа претставува силен заеднички момент на сите предлози во врска со новата методологија на проширувањето. Што се однесува до владеењето на правото, во 2016 година беше отворен широк простор за активности што енергично беа проследени на нормативно и институционално ниво. Според Бриселската комисија, сè уште е потребно да се напредува за да се постигне ефективно исполнување на стандардите: сите земји-кандидати чекорат по тој пат, па дури и некои од земјите-членки. Нашата цел е да ѝ помогнеме на земјата да го изгради својот систем: повеќе од десет години инвестираме во Академијата за судии и јавни обвинители, чии достигнувања беа позитивно оценети од страна на нашите надлежни оценувачи, како и од тие на Унијата. Ова докажува дека мора да истраеме и да се подготвиме за дејствување на долгорочен план. Од друга страна, не можеме да не ја споменеме централната улога што ја имаат граѓаните и невладините организации во секојдневната борба против корупцијата и злоупотребата на власта. Што се однесува до ветингот, го имаме искуството од Албанија. Дали тоа искуство може ефикасно да се пренесе овде? Дали тоа искуство заслужува да се генерализира? Кој ќе ја преземе одговорноста за тоа во услови на многу поларизирано општество? Дали е потребно, кога се работи за индивидуални случаи (честопати познати), да постои сомневање во однос на целиот судски систем чие постоење е неопходно за секојдневното функционирање на општеството? Дали проблемот е пред сè во корупцијата или, пак, во мешањето на политиката во судството? Прашањето останува отворено и заслужува темелно и внимателно да се обмисли, без да се биде под влијание на емоциите, што се сосема разбирливи, а кои ги поттикнаа некои спектакуларни случаи, како што е случајот „Рекет“, чија разврска ќе овозможи да се увиди колку всушност функционира системот, на највисоко ниво.

Фото: Дарко Андоновски

Изминатиот период највисоките европски политичари блокадата од Франција и одбивањето на Македонија да ѝ се додели датум за преговори ги окарактеризираа како историска грешка на ЕУ. Какви се очекувања да се поправи грешката во најкраток можен рок и од кого најмногу зависи тоа?
Овие процени не одговараат на реалноста и претставуваат можеби разбирливо разочарување, ако се земат предвид нечии ветувања што не можеа да бидат исполнети. Франција не одби ништо: таа, заедно со уште неколку други држави-членки, ги согледа разликите околу ставовите за заедничко отворање на преговорите со Албанија и со Северна Македонија, како што бараа одреден број земји, а други, пак, беа повеќе или помалку јасно ненаклонети. Покрај тоа, постоеше и едно споделено мислење од поширок карактер дека сегашната методологија на проширување не е или не може повеќе да биде соодветна: таа е премногу тешка, премногу бирократска, со резултати што не се доволно видливи од практичен аспект. Постоеше ризик почнувањето на преговорите да биде како празник што ќе се прослави само еднаш, односно свечен чин што можеше да има недефинирана иднина. Се согласивме дека ни е потребно малку повеќе време за новите преговори да бидат успешни. Франција прва предложи нонпејпер уште во ноември, односно една почетна основа што содржи одредени принципи и конкретни предлози. Тие сега се на маса и очекуваме дека новата комисија во Брисел ќе може веќе во јануари да претстави конкретен предлог кој ќе ги земе предвид забелешките и на другите земји-членки, за да имаме заеднички одлуки некаде околу самитот во Загреб во мај идната година, врз основа на обновената методологија и врз основа на оцената за реформите спроведени во засегнатите земји. Да не зборуваме за грешка, туку за нова шанса за почеток врз добра основа. Да не го заборавиме ниту сето она што останува да го направиме заедно со другите земји- членки за да се преиспита начинот на кој функционира Унијата и да можеме што подобро да ве примиме во еден функционален систем.

Се чини дека во ЕУ владее големо разногласие околу суштински прашања, за што се потврда и серијата нонпејпери изминатиот период. Според вас, кои се причините за ова?
Сметам дека двата постојни нонпејпери за кои знаеме, а кои се однесуваат на новата методологија, имаат интересни сличности и попрво одразуваат можно приближување отколку некакви разидувања. Правната држава, како и следењето на целиот процес, но и обновеното залагање на државите-членки во регионот, како нашата француска стратегија за Балканот, која претседателот Макрон ја претстави во мај оваа година, потоа потребата за дополнителни ресурси и резултати на теренот, се јадрото што ни укажува на тоа дека нашите мислења беа широко споделени од девет држави-членки, со кои можеме да кажеме дека сме еден репрезентативен примерок, како што се вели во статистиката. Сето ова, како и заложбата на новата комисија, која е за поздравување, најавува дека ќе имаме значаен резултат, до кој посакуваме да дојде веќе од јануари.


Добро спроведените избори ќе претставува дополнителен адут

Дали очекуваните реформи во Македонија се движат во вистинска насока и што треба да се направи приоритетно за итно добивање датум за преговори?
Во својата кратка но богата историја од независноста до денес, земјата има поминато низ голем број етапи: без сомнение, треба што подобро да се разберат нејзините особености и секогаш да ѝ се помогне барем онолку колку што добива критики, ако е потребно тоа. Договорот од Преспа одблокира една состојба на стагнација во која реформите беа забавени, а беа констатирани и одреден број застранувања, па дури и назадувања, кога станува збор за она што се нарекува „заробена држава“, како што стои во извештајот на Комисијата. Прекинувањето на овие навики и практики не е само услов од наша страна туку е и приоритет на граѓаните во земјата што се чувствуваат европски и сакаат да живеат како Европејци. Нам ни останува да им понудиме ефективна рамка, каде што ќе можат да ги вреднуваат своите напори и своите таленти и да ни се придружат! На тоа ќе работиме уште годинава со претстојното потпишување на договорот со Француската агенција за развој, за која претседателот Макрон донесе одлука таа да почне со свои активности на Балканот. Овде, Агенцијата ќе се фокусира на животната средина и климатските промени. Што се однесува до насоките по кои треба да се движите, јасно е дека мора да се започне со консолидација на владеењето на правото и да има видлив напредок во ефикасното спроведување на постојните норми и закони. Доказ за таквата волја би било донесувањето закон со кој ќе се утврди како ќе се постапува со случаите на специјалното јавно обвинителство: ова е конкретно и симболично барање од ЕУ за воспоставување еден нов период, каде што ќе нема неказнивост и кој ќе биде во знакот на владеењето на правото. Во тој контекст, добро спроведени предвремени парламентарни избори во услови на консензус и транспарентност ќе претставуваат исто така дополнителен адут за Северна Македонија.

[email protected]