Фото: Дарко Андоновски

На сметка на Владата, меѓу другото, била техничката подготовка за мисата на градскиот плоштад, како што се озвучувањето, монтажата на целата бина и видеобимовите, како и столчињата за гостите

До крајот на неделата треба да се подготви деталниот извештај за финансиската конструкција за трошоците што ги направила Владата за посетата на папата Франциск, реализирана на 7 мај годинава. Од Владата вчера изјавија дека транспарентно ќе ја информираат јавноста за износот што го потрошиле за историската посета на поглаварот на Католичката црква.

– Бесценети се придобивките што оваа посета ѝ ги донела на Република Северна Македонија. Финансиските трошоци ќе бидат објавени веднаш откако ќе бидат спакувани и подготвени. Посетата на папата имаше државнички, но и верски карактер и е една од највисоките посети од нашата независност, помина беспрекорно, а пораките што ги испратил поглаварот на Католичката црква преку медиумите допреа до целиот свет – посочи Миле Бошњаковски, портпаролот на Владата.

На сметка на Владата била техничката подготовка за мисата на градскиот плоштад, како што се озвучувањето, монтажата на целата бина и видеобимовите, како и столчињата за гостите.

И во координативното тело задолжено за реализација на овој настан велат дека деновиве ќе имаат завршен состанок, на кој ќе ги сумираат сите резултати и трошоци, а потоа ќе ѝ ги презентираат на јавноста.

Ниту градските власти немаат податок колку пари чинело средувањето на градот и дали биле потрошени екстра-пари за чистење, садење цвеќиња и уредување на јавните површини.

Од ТАВ велат дека аеродромските услуги за патните трошоци на папата ги плаќа авиокомпанијата што го превезувала.

Во Католичката црква во Скопје, каде што биле задолжени за црковните церемонии, објаснуваат дека не би сакале да зборуваат за финансиските трошоци што биле направени за посетата на папата, зашто, како што истакнуваат, духовните придобивки од овој настан не се мерат со ништо материјално.

– Голем дел од работите завршија волонтери, но имаше и донации од бизнисмени, од државата и од странство – кратко изјавија во Католичката црква во Македонија.
Според бугарските медиуми, нивната влада одвоила дополнителни половина милион евра за пречек на папата. 


ЈСП: Бесплатниот превоз чинел 7,5 милиони денари

Само јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, чии автобуси бесплатно возеа на денот на посетата на папата, следниот ден излегоа со конкретна бројка, според која бесплатниот превоз ги чинел околу 7,5 милиони денари или 120 илјади евра.
– По направените пресметки, утврдено е дека во текот на вчерашниот ден бесплатниот превоз го чинел ЈСП „Скопје“ речиси 7,5 милиони денари. Во пресметката е вкалкулиран и бесплатниот превоз што го имаа и приватните превозници како дел од јавниот превоз – соопштија вчера од ЈСП.