Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и членовите на работната група за реформи во основното образование денеска ги презентираа основите на образовната реформа пред премиерот Зоран Заев и пред членови на неговиот кабинет.

Од Владата соопштија дека Заев на средбата изразил поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности.

– На презентацијата особено внимание беше ставено на фактите што говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање, како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашните институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и, пред сѐ, мислењата на учениците. Од анализите што се користени утврдено е дека е потребно образование што учениците го доживуваат како корисно и интересно, а не напорно и досадно, образование што ги учи децата да учат преку разбирање и сопствено критичко мислење, а не на памет – се наведува во соопштението на Владата.

Се разговарало дека со новата концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење, кои во моментот може да си ги дозволат само некои од граѓаните.

– Особено внимание беше посветено на потребата од темелна наместо паушална реформа, која ќе ги отстрани клучните недостатоци на нашиот образовен систем, како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците, кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците – соопштија од Владата.

Премиерот Заев на средбата нагласил дека Владата, Министерството за образование и наука, како и работната група, остануваат на ставот да ги поттикнуваат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да придонесат со свои предлози, сугестии, коментари и критики преку активно учество во тековните јавни расправи на МОН, како и со испраќање писмени предлози до надлежното Министерство и Бирото за развој на образованието.

Со цел активно и сеопфатно вклучување во јавната расправа, Владата ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат разни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија.

– И Владата и МОН остануваат на ставот дека реформата ќе се носи исклучиво преку јавен, аргументиран, критички и отворен процес бидејќи во основата на оваа реформа се токму критичкото мислење, разбирањето и прифаќањето разни, но добро аргументирани решенија – се наведува во соопштението.