Владата информира дека досега не ги одземала ингеренциите за управување со отпадот на ниту една општина во земјата. Надлежноста и обврските за собирање, селектирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, како и одржување на нестандардните локации за отстранување на отпадот се на единиците на локалната самоуправа, односно општините.

Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно.

Во владиното соопштение се нагласува дека донесувањето на „Одлука за давање согласност“ од страна на советот на општината никако не значи одземање на ингеренциите за управување со отпадот, туку се однесува на одлуката за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот, односно регионалната депонија и придружна инфраструктура.

 – МЖСПП и Владата досега се ангажираа да помогнат во воспоставувањето на системите во сите плански региони преку изнаоѓање на финансиски средства, чие оперирање понатаму сепак ќе биде обврска на општините, здружени преку Меѓуопштински Одбор за управување со отпад и Јавно регионално претпријатие – велат од Владата.

Додаваат дека за источниот и североиосточниот регион се обезбедени средства преку ИПА 2 програмата. За Југозападниот, Пелагонскиот, Вардарскиот и Југоисточен регион се планираат средства преку ЕБРД, а за полошкиот плански регион се добиени средства од Швајцарската Влада.

Што се однесува до полошкиот регион, беа обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина. Во согласност со планот, МЖСПП блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (СЕЦО) за инвестирање на 8 милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад –регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на 2 трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од еден милион евра.

– До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е се уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар. Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со минимални технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично – додава Владата.