Владата на Република Македонија вечерва ќе ја одржи својата редовна 123 седница, на која меѓу другото ќе ја разгледа информацијата во врска со потребата од поднесување на апликација за техничка помош за подготовка на проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу Република Македонија и Република Косово, како и иста таква информација за подготовка на Проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу Република Македонија и Република Србија.

Од владината прес-служба соопштија дека на предлог на Министерството за економија на вечерашната седница на Владата ќе биде разгледана и информација со нацрт текст од „Националната Стратегија за развој на туризмот на Република Македонија за 2016-2021 година со Акциски план 2019-2021”.

Министерството за информатичко општество и администрација за оваа седница на Владата на РСМ ги предложило предлог – законите за електронско управување и електронски услуги, за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и за централен регистар на население.

На седницата министрите во Владата на РМ ќе бидат информирани за текот на реализацијата на активностите и сумарните статистички податоци за Е- обуката за родова еднаквост, како и за проектот за подобрување на електронската размена на податоци во институциите и развивање на дополнителни веб сервиси во интерес на граѓаните, што ги подготви Министерството за труд и социјална политика.