Македонската влада ќе издвои шест милиони денари, а Град Скопје еден милион денари, за помош на настраданите и за санирање на штетите во пожарите во околината на Атина.

Премиерот Зоран Заев ја соопшти одлуката на Владата за доделување интервентна помош од шест милиони денари, преку неговиот фејсбук-профил.

– Со одлука на Владата на Република Македонија денеска издвоивме 6 милиони денари како интервентна помош која ја ставаме на располагање на грчките владини институции одговорни за справување со пожарите – се наведува во објавата.

Владата ќе формира и координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, во договор со надлежните институции во Грција и со градот Атина.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, пак, денеска телефонски разговараше со неговиот атински колега Јоргос Каминис и му изрази длабоко сочувство за загинатите граѓани во стихијниот пожар што ја зафати околината на Атина.

– Град Скопје ќе и испрати милион денари првична помош на Атина за настраданите во пожарите. Ова е прва итна мерка на Град Скопје и тој останува отворен за каква било помош доколку дополнително се побара – соопшти Град Скопје.

Освен Шилегов, и градоначалникот на Тирана, Ерион Велај, стапил во контакт со Каминис изразил поддршка и понудил помош.

Каминис, како што соопшти неговиот кабинет, се заблагодарил за солидарноста што ја демонстрираат неговите колеги, со кои договориле нов контакт за следните чекори.