По последните случувања со градежните активности на локацијата ресторан-дискотека „Парк“, Министерството за култура предложило информација до Владата за потребата за интегриран, координиран и синхронизиран пристап за заштитата на Охридскиот Регион меѓу надлежните институции.

Во согласност со ова, Владата донела заклучоци за постапување, како и за зајакнување на работата на институциите од сите области, вклучително и од културата.

Имајќи предвид дека сите стручни дејства што се содржани во планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се имплементираат преку НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид и Управата за заштита на културното наследство, Владата донесе заклучоци со кои овие дејства на Заводот ќе се реализираат во соработка и со претходно мислење од Националниот конзерваторски центар – Скопје.

Со цел координирано одвивање на активностите за заштита на културното наследство во Охридскиот Регион, Управата за заштита на културното наследство актите ќе ги издава по претходно мислење на Министерството за култура.

За да се обезбеди стручност, Министерството за култура ќе формира комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство, која ќе дава стручна помош за мислењата и за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство, информират надлежните.

Во врска со актуелните случувања на локацијата на поранешниот ресторан „Парк“, а во насока на заштита на крајбрежјето на Охридското зеро, Министерството за транспорт и врски во рок од два дена ќе формира стручна комисија, која ќе изврши увид во работата на Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата и за своите наоди да ја извести Владата на нејзината наредна седница.

Исто така, задолжена е Општината Охрид да превенира градежни работи на посочената локацијата и во рок од два дена до Владата да достави информација за важноста на одобрението за градба за локацијата на ресторан-дискотека „Парк“.

Владата им укажува на општините Охрид, Струга и Дебарца одобренијата за градба да ги издаваат со извод од ДУП и од Ппланот за управување со Охридскиот Регион. Општините Охрид, Струга и Дебрца до донесувањето на новите урбанистички планови, кои ќе бидат усогласени со планот за управување, изградба на објекти или преземање мерки на непосредна заштита, со кои се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот Регион, задолжително да се врши со издавање заштитно-конзерваторски услови.