Владата ја разгледа и усвои Информацијата за степенот на реализација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Краков, 2017 и Баку, 2019) и релевантните заклучоци на Владата за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион и ја реафирмираше определбата да се зачува статусот на УНЕСКО за Светско културно и природно наследство на Охридскиот Регион, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во регионот и афирмирање на владеење на правото.

Владата ја задолжи Канцеларијата на претседателот на Владата, во соработка со Националната комисија за УНЕСКО, да ги координира работите и програмата за Реактивната мисија на УНЕСКО закажана за крајот на јануари следната година, како и изработката на извештајот за напредок, а сите релевантни државни институции најдоцна до 13 декември да достават до Канцеларијата на претседателот на Владата ажурирани и сеопфатни информации за степенот на реализација на препораките на УНЕСКО, кои ќе бидат дел од прогрес-извештајот за напредокот кој ќе се достави до УНЕСКО најдоцна до 31 јануари следната година.

Со заклучоците од денешната седница се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во рок од 10 дена да објави постапка за јавна набавка за изработка на анализа на предлогот за алтернативна рута за пругата долж Коридорот 8 што ја предложи Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година.

Во заклучоците на Владата по ова прашање е и препораката до општините Дебрца, Охрид и Струга да се интензивираат процесите и активностите со цел исполнување на препораките на УНЕСКО и да ги примат претставниците на УНЕСКО во склоп на Реактивната мисија за 2020 година.