Владата во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со поддршка на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), денеска, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ организираа дебата со наслов „Воведување на медиумската писменост во образованието“, на која учествуваа голем број ученици, професори, претставници на граѓански организации и експерти од оваа област.

Говорејќи за суштинското значење на медиумската писменост и медиумската култура, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски подвлече дека употребата на модерните, социјални медиуми, интернетот, кои денеска се одлика на секој млад човек го отвора прашањето за тоа како информациите се прифаќаат од оние кои ги примаат и дали тие се проверуваат.

Тој образложи податоци според кои од 86 проценти од домаќинствата кои користат интернет, а од нив 73 проценти се изјасниле дека тоа го прават секојдневно, 83 проценти од популацијата која користи интернет не ги проверува фактите кои ги прочитале.