Вкупно 11.900 евра по град или 179.500 евра на ниво на цела држава се потрошени за завчерашната прослава „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“, соопшти Владата.

Според Владата, трошоците за настаните се скромни, по нормални пазарни цени, а компанијата што застана зад организацијата е избрана законски, на тендер, од вкупно три пријавени преку критериум најниска цена.

– За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту пак се потрошени било какви средства за организиран превоз на публика од едни во други градови, велат од Владата.

За прославата се ангажирани исклучиво домашни изведувачи со кои биле склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови бил определен согласно рамномерна географска застапеност.

„Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“ се реализира во 15 градови врз основа на Одлука и заклучоци од редовна Седница на Владата одржана на 10 јули годинава.

Владата ја наведува вкупната сума за реализација на настаните, разложена по ставки.

– Ангажманот на 40-тината домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори во сите 15 градови, како и настапите чинат 75.500 евра, вкупната сума за сцените и сценската опрема е 49.000 евра или околу 3.200 евра по град, а сите останати потреби и услуги за организација на настаните, обезбедување соодветна логистика, 150 редари, технички персонал, заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, чини вкупно, за сите 15 настани во градовите 35.000 евра или околу 2.300 евра по град, информира Владата.

Ангажманот на лицата за авторски труд, пак, за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видео продукција, визуелизации на бините и постпродукција, чинел 20.000 евра или околу 1.300 евра по град.

Според Владата, трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе заврши по пат на спогодба.

Сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлувањето за 15-те настани се реализирани од страна на компанија со која Владата има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка, која тековно врши услуги за изнајмување и ракување со опрема за аудио и видео поддршка на настани во надворешен простор за потребите на државните институции.

– Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош, а пренос на МРТВ не се реализираше зашто авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање авторски права за пренос во живо на национални телевизии и за да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата, објаснува Владата.

Владата изразува задоволство што, како што наведува, граѓаните го прославија успехот на Македонија и се заблагодарува до сите вклучени страни кои ја поддржаа организација на настаните. Воедно ги повикува сите граѓани, политички партии и заедници слободно да ги изразуваат своите мислења и ставови, да застанат во поддршка на евроатлантските интеграции на земјата и да го осудат говорот на омраза против кој било граѓанин во Македонија.