Владата на денешната седница го утврди текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година.

Како што информираат од Владата, до Собранието ќе биде доставен Предлог-закон со внесени измени и дополнувања со кои се одлага пописот за септември годинава, односно дека се врши менување на датумите за спроведување на пописот и дека тој ќе се спроведе во септември 2021.

– Една од измените што се предлагаат е продолжување на процесот на самопопишување на граѓаните од дијаспората до крајот на одржувањето на пописот во септември – се додава во соопштението.

Во Собранието измените треба да се донесат со европско знаменце и скратена постапка за да може пописот да се одложи за во септември.

Во меѓувреме, партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека се противат на прекинување на пописот бидејќи, според нив, се работи за незаконски договор на Заев и Мицкоски.

Тие најавија дека ќе ги блокираат измените на законот за попис со Бадентеровиот принцип.

Албанските опозициски партии како и Левица велат дека ја очекуваат поканата за средба утре со премиерот Заев на кого ќе му ги соопштат своите позиции за прекинувањето на статистичката операција.