Владата очекува толеранција од банките во наредните денови, додека целосно не заврши исплатата на предвидената поддршка од 6.000 денари, зашто се работи за граѓани од најранливите категории, кои беа најпогодени од кризата, рече на вчерашната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски откога по објавувањето на списокот, следуваа околу 78.000 приговори.
Како што информира Арсовски, обработени се сите приговори, но конкретните бројки ќе бидат соопштени најдоцна денеска.

Портпаролот е дециден дека помошта од 6.000 денари ќе ја добијат сите. Тоа што доцнеше донесувањето на законот во Собранието, според него, ги предизвика непријатностите. Владата, како што објасни, стори сѐ помошта да стигне до оние за кое е наменета, а целта е никој да не биде изоставен.
– Иако законот не ја обврзува Владата, мора да се каже дека приговорите се обработени во рекорден рок, а стануваше збор за околу 78.000. На сите што поднеле приговор ќе им се одговори на електронската адреса што ја навеле при поднесувањето на приговорот. Се ажурираат и листите на веб-страницата „купувамдомашно.гов.мк“, каде што ќе можат да ги проверат истите податоци – информира Арсовски.
Во однос на ажурирањето, законскиот рок беше 25 декември и во најголем дел постапката е завршена.

– За оние со блокирани сметки, банките што имаат техничка можност им отворија потсметки за да се исплати помошта. Потсетуваме дека со оваа мерка се исплаќаат 27,5 милиони евра кон најранливите категории граѓани – истакна Арсовски.
Според него, заклучно со петокот, за најголем дел од случаите проблемот е решен. Но има случаи за кои не може да се има решение, како на пример за луѓе што добиле ваква помош, а живеат во странство и е невозможно да ги ажурираат своите податоци.
– Многу мал дел од најчесто вакви случаи не се затворени, затоа апелираме до банките ако има некој надвор од овие случаи, да има поголема толеранција за тоа да биде завршено до Нова година – напомена Арсовски.

Владиниот портпарол рече и дека наскоро ќе има консултации со синдикатите, стопанските комори, социјалните партнери и сите други чинители за да бидат насочени мерките од следниот антикризен пакет.
Инаку, по објавувањето на првичниот список на лицата од социјално загрозените категории на кои им следува владината помош, како дел од антикризните мерки, освен бурни реакции на социјалните мрежи, се создадоа и огромни метежи во банките. П.Р.