Во новоизградениот специјализиран Дневен центар во село Оризаре, 38 деца со интелектуална попреченост од општината Липково, ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Подготовката ќе ја врши стручен тим составен од рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт.

Целта на предвидената индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост, е од најмали нозе, тие да се стекнат и да ги развиваат вештините за секојдневниот живот. Децата ќе ги учат навиките за исхрана, хигиена и за одржување на сопственото здравје но ќе ги стекнуваат и воспитните, социјални, културни и рекреативни активности. Во Центарот ќе бидат организирани и советувања и работилници за помош на родителите на овие деца.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, рече дека преку Дневниот центар и најмалите, реално ќе ги почувствуваат социјалните реформи што ги презема Владата.

– Целта на социјалната реформа е да се приближат социјалните услуги до корисниците, до граѓаните. Да се зголеми опфатот на граѓаните кои влегуваат во системот на социјална заштита, да се подобри квалитетот на социјалните услуги, а со тоа се подобри и нивниот живот. Дополнително да се намали невработеноста и да се подобри животниот стандард на сите граѓани – рече Шахпаска.

Таа изрази задоволство што Општина Липково добива нов Дневен центар за деца со попреченост со капацитет за 38 деца со попреченост на возраст од 2 до 14 годишна возраст. Суштината на ваквите реформи, посочи таа е да се поддржат ранливите категории, во случајот децата со попреченост.

Министерката Шахпаска денеска на здружението Имаго плус, им ја предаде дозволата за вршење дејност од социјална заштита за услугата нега на деца со попреченост

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Една од главните цели на социјалната реформа е услугите да им бидат полесно достапни и на корисниците од руралните и најоддалечени региони во државата, информираат од министерството.

Додаваат дека наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.