Фото: Архива

Шеснаесет од осумнаесетте обвинети во настаните од 27 април во Собранието добија вкупна затворска казна од 211 години, додека ослободен од обвинение е оперскиот пејач Игор Дурловски. За обвинетиот Сашо Марковски се води одвоена постапка поради болест.

Поранешниот висок полициски функционер Митко Чавков доби најголема казна од 18 години. Освен него, Митко Пешов доби 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски-Леви 15 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдулфета Алими седум години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Ангеловски 12 години, Игор Југ 12, Влатко Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митровски-Кољо 15 години и Александар Василевски-Нинџа осум години.

Обвинителството предложи продолжување на мерката притвор за осудените Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски и Влатко Трајковски, бидејќи, како што беше речено, постои опасност од бегство. За преостанатите за кои е изречена затворска казна е побарано определување мерка притвор до правосилност на пресудата.

Сите 16 се осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но по донесувањето на Законот за амнестија, помилувани беа 15 лица.

За нарачателите на нападот на Собранието на 27 април 2017 г., пак, е отворена нова истрага од страна на Обвинителството за организиран криминал, а осомничени се: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски. П.Р.