Американскиот долар е најчеста цел на фалсификаторите, а потврда за тоа е и последната акција на турската полиција, која неодамна во печатница во близината на Истанбул откри и заплени околу 271 милион лажни американски долари во апоени од по 100 долари. Близината на Истанбул, но и разработените шверцерски канали, оставаат простор за претпоставки дека дел од овие фалсификувани пари, пред откривањето, бил распространет и низ соседните држави како Бугарија, Македонија, Србија, Грција, Косово и Албанија. Потврда за таквата можност е неодамнешната заплена на американски долари на скопскиот аеродром од двајца кинески државјани, кои допатувале токму од Истанбул, а кои се обиделе непријавено да прошверцуваат над 21.000 долари.

Од Народната банка смируваат и велат дека трендот на фалсификувани пари од година на година опаѓа.
– Во 2018 година, од вкупно 1.031 направена анализа, се утврдени 919 фалсификувани пари и 112 оригинални пари. Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во американски долари (731 парче) и евра (149 парчиња). Исто како и претходната година, бројот на регистрирани фалсификувани ковани пари е незначителен и се сведува на вкупно количество од четири парчиња во апоен од две евра. Општата оцена е дека фалсификуваните книжни и ковани пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики – се посочува во извештајот на Народната банка за 2018 година.

Доколку граѓаните дојдат во контакт со фалсификувани пари, тие се должни да ги пријават до надлежните служби на Министерството за внатрешни работи, кое, пак, понатаму постапува во согласност со своите процедури и протоколи и ги доставува на стручно вештачење во Народната банка. Исто така, МВР презема мерки за откривање на сторителите и за спречување понатамошно проширување на фалсификувањето.
Експертизата на парите ја врши Народната банка, во која има посебна организациска единица што располага со соодветен технички и кадровски потенцијал за вршење на стручните експертизи за сите доставени сомнителни пари.

Меѓу фалсификатите што се појавуваат кај нас е и денарот, па во 2018 година биле откриени 230 фалсификати. Најмногу се фалсификувала банкнотата во апоени од 500 денари, по што следува банкнотата во вредност од 1.000 денари.
Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2018 година изнесува 134.210 денари и од Народната банка сметаат дека има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек.

– Фалсификуваните пари најчесто се пуштаат преку трговската мрежа, како и онаму каде што има поголема фреквенција на луѓе, па поради невнимание може да се провлече некоја фалсификувана банкнота. Понатаму тие завршуваат кај банките преку уплата на дневниот промет од трговската мрежа и од таму во процесот на обработка ги откриваат стручните лица и ги доставуваат на стручно вештачење во Народната банка – вели Соња Каневче, директорка на Трезорското работење при Народната банка.
Како и да е, вистинската заштита од фалсификувани странски банкноти е внимателност при купувањето, добра проверка на банкнотите, но пред сè нивна набавка од банките бидејќи таму парите веќе минале соодветна техничка проверка.