Високата цел ги оправдува ниските средства

Рапорт од „Норт Македонија“ 2049 година

Драги мои читатели. Еве ја користам можноста да ви се јавам од „Норт Македонија“, каде што визионерски живеам на преминот меѓу 2048 и 2049 и да ви посакам среќна 2049 година. Во празнично расположение и со големо задоволство сакам да ви опишам каква е состојбата, како се живее во нашата нова држава со име „Норт Македонија“, триесет години понапред од вашата стара Северна Македонија во која сега живеете.
Најнапред сакам да ви кажам дека кај нас не е како кај вас, кај нас е различно, живееме поинаку. Ние сме слободни луѓе, слободно може да зборуваме и пишуваме, може власта да ја величаме колку што сакаме. Нашата власт не греши, но ако се најдат некои злобници, кои ќе речат дека во нешто греши, сакам да кажам дека греши со најдобри намери, за општо добро. Ниеден пат кон успехот не е послан со рози. Секој ден ни соопштуваат дека кај нас дојде животот. Само мртвите не ја чувствуваат таа радост, но и тие со нетрпение чекаат да воскреснат за да го видат нашиот напредок, развиената демократијата и духовното богатство во кое живееме.

Нашата држава подолго време ја водат двајца лидери, кои не се браќа, ама се како сложни браќа што и во петок мрсат. Првиот е од една вера, другиот од друга. Првиот ја носи титулата генијалисимус. Титулата ја заслужи самиот врз основа на неговиот генијален ум. Нема нешто што не знае, нема прашање на кое нема одговор, дури и кога прашањето не заслужува одговор. Нема нешто што не може да направи за доброто на државата. Околу него се наместени редица умни глави, по две глави на секое важно место, кои работат за доброто на народот, а не забораваат и на своите лични интереси. Нашиот нов генијалисимус не е како претходниот,кој мислеше само на себе, нашиот мисли и за другите, понекогаш дури и за третите.

На второ место по важност, не по функција, е нашиот генералисимус. Тој таа титула ја доби во сложени услови во една фингирана војна водена за мир, а ја задржа и во мирновременски. Неговата командна позиција ја чува како златна резерва за остварување на заедничките планови со саканиот генијалисимус. Важноста на вториот се познава по тоа што во нашата држава ништо не може да се случи без него, без неговото мислење или став. Се разбира и без неговите партиски луѓе распоредени во нашата крајно високопрофесионална, етичка, обучена, услужлива, ефикасна, непартиска администрацијата. Тој распоред е цела стратегија, се прошири со аритметичка прогресија сѐ со намера задоволните граѓани да бидат уште позадоволни од услугите на државата. Администрацијата е толку добро организирана и толку внимава на државните интереси што ништо не можеш да завршиш набрзина, навреме и ако не подмитиш.

За разлика од таму кај вас кај што лидерите се самостојни и сами носат одлуки, кај нас двајцата водачи, иако имаат различен род, имаат еден ист многу драг и сакан вујко. Не е од иста мајка, не е ни од две мајки, ама е вујко. Тој се вика вујко Сем. Бидејќи кај нас одамна нема прости и неписмени луѓе сите знаат дека зад името вујко Сем се крие некој богат Американец, кој командува со светот и без кого нашата земја не може да излезе од реорганизираните организации во кои членува вашата. Сака ама не може да излезе од НАТО и од ЕУ. „Норт Македонија“ била државата што ги одржувала тие организации, без неа, тие биле на раб на пропаст. Немаме амбасадор што се вика Џес Бејли, кој има големи заслуги за освестувањето на поранешните Македонци, но жив е Сорос, уште дава пари да го отвори општеството и да го затвори нашето отворено национално прашање.

Имаме некој што ја носи титулата претседател на „Норт Македонија“ кого некои не само што го нарекуваат, туку и го сметаат за фигура, за кактус, за англиска кралица. А да видиш чудо, му личат сите три прекари, ако се прекари, но повеќе служат во функција на прекори. Имаме и опозиција за која не се знае кога е власт а кога опозиција, што е мошне позитивно за неа. Кога беше власт ја држеше неа апсолутно. Работеше под паролата „сѐ по закон и по устав“, а немаше нешто што не прекрши. Кај новите е поинаку: тие не работат ни по закон ни по устав, зашто цврсто се држат до клучната политичка доктрина – високата цел ги оправдува ниските средства.

Нашиот политички систем колку што е традиционален толку е модерен, прогресивен, речиси европски, далеку од балканските стандарди. Имаме многу модерен, современ, демократски парламент, каков што нема никаде во светот. Слободата кај нас е толку голема и демократијата развиена што членови на парламентот се лица судени за тероризам, за обид за државен удар. Судени, па потоа помилувани, амнестирани, аболирани. Најверојатно постојат и други правни, особено неправни, народни термини за оние што седат во парламентот. Нашите пратеници покажуваат голема љубов кон државата, подготвени се државата да даде сѐ за нив. Тие се визионери, а се практични истовремено. И иновативни, креативни, просто да се чудиш како им текнуваат такви работи, особено кога се во прашање финансии, кои ние пред триесет години ги викавме пари, односно евра.

Толку се иновативни и напредни што сами изгласаа закон според кој секој пратеник има право да си утврдува своја цена за дадениот глас, секој пратеник е повеќе бизнис-менаџер, ситен трговец поединец, одошто политичар. Собранието им е големата фирма, фирма за покритие. Во согласност со нивната психологија насочена кон договарање зделки секој си утврдува цена за дадениот глас – за или против. Основната цена секој пратеник може да ја истакне јавно на своето место – како кајроните на телевизија – а ако има нешто дополнително, на пример амандманска или слична дебата, цената се утврдува и поинаку, „под маса“ што би рекле простите луѓе, припадници на минатото. Ако кај вас, кои сте триесет години поназад, сѐ уште парите се бројат во стотки или илјадарки, кај нас за такви работи се бројат во реални милиони, неначнати од инфлација.

Ние сме среќни што следејќи ги свeтските процеси немаме идентитет и што сме Нордијци, само не како Норвежаните или Финците. Тој остаток од црниот комунизам го минавме мошне лесно. Живееме во едно општество за сите и покрај големите разлики меѓу нас. Разликите ни се религиски, јазични, политички, социјални, културолошки, но тоа не нѐ спречува да имаме мирен и среден живот. Немаме попис не затоа што немаме идентитет, туку што имаме многу идентитети, а нема попис за да може да се зачуваат тие што се, ако ме разбирате што сакам да кажам. Имаме редица крупни проблеми и отворени прашања, но благодарение на успешната власт и нивните медиуми, нив ги сметаме за ситници, за неважни, не им обрнуваме нужно внимание.

Имаме и други работи со кои може да се пофалиме. Кај нас често црното е бело и обратно, мнозинството е малцинство, малцинството мнозинство, првото е второ, второто прво, два и два не се четири ако така кажат лидерите. Нема криминал затоа што ништо не е забрането, а ако некој направи голема глупост, се придвижува целата државна машинерија тој да биде амнестиран и ослободен. Затворите се полни, но таму, покрај убијци, лежат само ситни крадци, џепчии, одредена социјална група, која краде не од сиромаштија туку од забава.

Имаме богат информативен живот. Преку медиумите секој ден добиваме информации од кои расте главата и кои придонесуваат многу за развојот на фармацевтската индустрија, посебно на производството на седативи. Нема лажни вести, сите се вистински, дури и кога се лажни. Здравството ни е одлично, докторите имаат проблем само со паркингот, немаат со пациентите. Новата болница уште се гради, ќе ја дочека некоја идна генерација.

Сакам да ви кажам дека овде одамна сме ги заборавиле старите ненародни празници какви што беа Илинден и АСНОМ, 11 Октомври, 1 Мај и други од тој тип. Тие ѝ припаѓаат на лажната историја со која го лажеа народот со децении. Сега имаме нова, дотерана, нашминкана историја. На општа радост воведовме вистински народни празници. Освен црниот петок, сега ги празнуваме црниот понеделник и крвавиот четврток. Тие се денови на нашиот нов почеток, тие се темелите на која е основана мојата нова држава „Норт Македонија“ во која со голема надеж ја чекаме новата 2049 година.
Драги мои. Имам уште многу да ви пишам, но ако е за добро, доста е. Да сме живи и здрави, барем и во овие услови што не се лоши. Далеку се подобри од условите во кои живееле нашите татковци и дедовци. Само заостанатите не можат да го разберат тоа. Останете со здравје, мир и спокој во новата година. Каква и да е, нова е. Да ѝ наздравиме.