Педијатриските ординации веќе почнаа да се полнат со дечиња заболени од грип. Отежнато голтање, отечени крајници, отоци на лимфни жлезди на вратот и под пазувите се само мал дел од симптомите карактеристични за хемофилус инфлуенца вирусот а и б и хемофилус инфлуенца бактеријата.

Според докторката Светлана Смугроска, педијатарка и специјалистка по семејна медицина, сезоната на грип веќе започнува, но карактеристични се и разни стрептококи и многу различни заболувања кај децата.

Кај возрасните, пак, пријавени се 74 заболени од грип и болести слични на грип, што, според податоците на Институтот за јавно здравје, е намалување за 14,9 проценти во споредба со минатата година.

– Најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасна група, од 15 до 64 години, додека највисока инциденца од 8,6/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата до четиригодишна возраст. Најголем број заболени се пријавени од Центарот за јавно здравје – Струмица. Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 344 – се вели во соопштението на Институтот за јавно здравје.

Според докторката Смугроска, децата до четиригодишна возраст го градат имунитетот така што имуностимулаторите што се даваат најчесто се без посебен ефект.

– Денес родителите мора да ги носат децата во градинка уште од најмала возраст, затоа што во прашање е егзистенцијата. Децата од осум-девет месеци ми се постојано во амбуланта, па дури и воспитувачките велат дека кога едно ќе почне да кашла, сите кашлаат. Ако денес кашла едно дете, набргу почнува и друго, зашто грипот се пренесува од 24 до 72 часа, во зависност од количеството на вирусот што го има во него – вели докторката.

Грипот, како што објаснува, е карактеристичен, со болки низ целото тело, болки во коските, дијареја, повраќање, нос што тече. Грипот кога ќе влезе во организмот, навлегува со сите клетки.

– Тој што е заболен од вирусот, го исфрла преку потење, плунка и фецес, додека оној што е болен од бактерија има висока температура, тешко голта, не јаде добро, а кај помалите деца дишењето се слуша како ’рчење додека спијат – вели докторката Смугроска.

Кај децата, пак, во последно време доста чест е и проблемот со третиот крајник, кој, според докторката, боли кога нема добра аерација на носната слузница, односно не влегува доволно воздух.

– Во тој случај третиот крајник почнува да боли, бидејќи сите вируси и бактерии растат во услови на помал проток на кислород. Бактериите во тој случај растат и стануваат патогени, поради што и третиот крајник расте, боли и хипертрофира. Прави големи проблеми со дишењето, децата дишат на уста, ’рчат кога спијат и честопати имаат проблем и со воспалено уво – објаснува докторката.

Таа истакна дека како причина за воспаление на третиот крајник се јавува и загадувањето на воздухот, бидејќи ПМ честичките ја воспалуваат носната слузница, доаѓа до послаба аерација на носот и, повторно, заболува третиот крајник.