Телекомуникациската компанија оне.Вип од вчера стана А1 Македонија ДООЕЛ, а брендот Вип стана А1. Консолидирајќи ја својата позиција во рамките на A1 Телеком Австрија групацијата, присутна во седум земји во регионот, компанијата вчера во Скопје го претстави својот нов бренд – А1.
На настанот по повод официјалното ребрендирање, главниот извршен директор на А1 Телеком Австрија групацијата, Томас Арнолднер, главниот извршен директор на А1 Кластерот „Хрватска и Македонија“, Јиржи Дворјанчански, и извршниот директор на А1 Македонија, Мислав Галер, го претставија новиот А1 бренд, осврнувајќи се на клучните поенти поврзани со процесот на ребрендирање, идните планови на компанијата, како и на најновите понуди.

– Трансформацијата од Вип во А1 е стратегиска одлука со која ја надградуваме нашата позиција на телекомуникацискиот пазар. Нашата визија како А1 е да бидеме партнер во дигитализацијата на македонското општество, да го поттикнеме дигиталниот начин на живеење и да бидеме водич за нашите корисници во оваа наша дигитална ера на нови технологии. Брендот го градиме како силен, модерен, отворен и креативен бренд, со кој креираме нови приказни и отвораме нови светови. На корисниците им овозможуваме заедно да ги креираме искуствата според нивните потреби, што ќе придонесе и за поквалитетен начин на живеење во дигиталното време. Цврсто верувам дека сите заедно ќе придонесеме оваа наша визија да стане реалност – изјави Мислав Галер, извршен директор на А1 Македонија.
Компанијата ги менува името, логото и изгледот на своите продажни салони, воведува сосема нова корпоративна веб-страница, воведува нови, модерни и софистицирани дигитални алатки.

Новиот бренд А1 на корисниците им овозможува врвна услуга, одлично корисничко искуство и комуникациска инфраструктура, која може да одговори на предизвиците што ги носи иднината.
Зад промената на брендот и името на компанијата стои многу поголема и суштинска промена, која ќе влијае врз сите сегменти од работењето, што води кон задоволување на комуникациските потреби на корисниците, а подразбира најмодерна оптичка инфраструктура, мобилна мрежа од новата генерација што овозможува кристално јасен звук и подготвеност за 5Г-технологија.
По повод официјалната објава за промена на брендот, A1 подготви посебно изненадување за сите свои корисници со кое ќе можат да уживаат во премиум дигитално искуство.
Сите корисници што ќе ја симнат новата и усовршена апликација Мојот А1 добиваат бесплатен еднократен интернет-пакет со 10ГБ.
Сите нови и постојни корисници, кои ќе склучат договор на А1 Нео M или A1 Неон тарифните модели, добиваат новa услуга А1 Нет сеф – личен сеф за интернет, каде што корисниците можат да го зачуваат неискористениот месечен мобилен интернет и ќе може да го користат кога и да посакаат, а наедно и лесно да го раководат преку апликацијата Мојот А1.
Деловните корисници можат да уживаат во придобивките на А1 Бизнис понудата, која овозможува поефикасно решавање на сите бизнис-предизвици, во секое време, каде и да се. Со тарифите А1 Нео XL и A1 Нео Л, корисниците добиваат 1ГБ интернет во роаминг, секој месец.

A1 Комбо, производот што овозможува одлично дигитално искуство со одличен квалитет, најдобри ТВ-филмски канали, неограничен интернет, од денеска е достапен за сите нови корисници со Смарт банд подарок.
А1 Телеком Австрија групацијата, која котира на виенската берза, е водечки снабдувач на дигитални услуги и комуникациски решенија во Централна и во Источна Европа со повеќе од 24 милиони корисници што работат во седум земји: Австрија, Бугарија, Хрватска и Словенија, Белорусија, Република Северна Македонија (А1), Република Србија (Vip mobile).
На крајот од 2018 година, приходот на групацијата изнесува околу 4,47 милијарди евра. Портфолиото на А1 Телеком Австрија групацијата опфаќа широкопојасна инфраструктура на интернет-мрежа, мултимедијални услуги, податочни и ИТ-решенија, големопродажба и решенија за наплата преку мобилен телефон. Услугите што ги нуди компанијата овозможуваат дигитален начин на живот и работа, но и можност компаниите и работите да се поврзат насекаде и во секое време. А1 Телеком Австрија групацијата, со седиште во Виена, е европска единица на América Móvil, една од најголемите обезбедувачи на безжични услуги во светот, која обезбедува пристап до глобални решенија.


Информации за корисниците:
Нема потреба од промена на опремата, претплатничкиот број, СИМ-картичката или договорите за траен налог.
Постојните претплатнички договори и тарифни модели остануваат во важност и продолжуваат да се применуваат под истите услови како и досега.
Промената на името на мрежата од Вип во А1 ќе биде видлива во делот на уредот во зависност од моделот. Доколку уредот не може веднаш да ја препознае А1, потребно е корисникот да го исклучи уредот и повторно да го вклучи.
Нема промена во листата на ТВ-канали.
Во согласност со промените на името на брендот, се менуваат називите на некои од производите и услугите (Мој Вип станува Мојот А1; Вип Комбо ќе се преименува во А1 Комбо), но притоа сите услови за нивно користење и цени остануваат во важност и непроменети.
За пристап до новите функционалности на апликацијата Мојот А1, потребно е корисниците да ја преземат новата верзија преку App Store/Google Play Store или да ја ажурираат преку прифаќање на опцијата „update“.
Детали за воведените новитети и уште повеќе одговори може да се најдат на www.A1.mk.