Фото: Илустрација

Повеќе пожари беа активни викендов низ Македонија, а најкритично беше во саботата навечер, кога беснееше голем пожар во близината на Манастирец, општина Росоман.
Таму огнените јазици се приближија до куќите, но благодарение на интервенцијата на пожарникарите, огнот беше ставен под контрола, а вчера целосно беше изгаснат.

Шумски пожар избувна и над месноста викана Неделна Вода во Велес, каде што гореше нискостеблеста дабова шума, а активен пожар викендов имаше и над манастирот кај велешкото село Оморани, како и во реонот на селата Џидимирци и Иванковци. Екипи на шумското стопанство „Бабуна“ гаснеа пожар кај селото Каласлари, каде што гореше борова шума.

Во овој голем шумски пожар изгореа околу 50 хектари квалитетна борова шума, а во негово гаснење беа вклучени и два авиона од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во саботата покрај брегот на Охридско Езеро, помеѓу Струга и селото Калишта, настанал пожар при што била опожарена трска, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од МВР велат дека од страна на Територијалната противпожарна единица – Струга пожарот бил локализиран.

Во атарот на беровското село Ратево во саботата попладне избувнал пожар, при што била опожарена млада борова шума.

Истиот период бил пријавен шумски пожар на шест до седум помали локации покрај патот во правец од селото Ново Село кон селото Мерово – општина Желино, при што биле опожарени нискостеблеста шума и сува трева.