Веќе една година учествуваме во сите работни комитети и тела и носиме заедно стратешки одлуки, рече претседателот Стево Пендаровски во негото обраќање на централната свеченост по повод годишнината од членството на Македонија во НАТО, што се одржа во касарната Илинден во Скопје.

– Како рамноправна членка имаме целосен пристап кон најрелевантните информации со кои располага Алијансата. Тој механизам за размена на информации ни помага да ја превенираме опасноста и подобро информирани да креираме политики и носиме одлуки за виталните безбедносни и надворешно-политички прашања. Во исто време, дел сме од координативните механизми на НАТО за справување и со хибридните закани и кампањите за дезинформирање на јавноста – истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.

Во однос на пандемијата, претседателот Пендаровски посочи дека НАТО беше и се уште е ангажиран здравствената криза да не премине во безбедносна.

– Преку солидарните механизми на НАТО уште на самиот почеток добивме неопходна медицинска опрема и материјали, но и споделено знаење и искуства – додаде претседателот.

Во рамки на свеченоста беше извршен приказ на способности од страна на единиците на Армијата и беа доделени признанија за досегашната соработка со странски Воени Аташеи во земјава.

Присутните на свеченоста со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите и починатите припадници на Армијата и на жртвите од ковид-19.