Трајко Вељаноски по рочиштето за предметот „Монструм“, каде се споменуваше неговото име, посочува дека долго време бил цел на планирани и оркестрирани напади, базирани на лаги и измислувања. Тој преку статус на социјалните мрежи вели дека Македонија е поле каде неморалните, лажливците и луѓето без етика, изминативе неколку години успевале најмногу.

 

Премолчував долго време, а тоа не беше воопшто лесно и едноставно за мене.Бев цел на планирани и оркестрирани напади,…

Posted by Трајко Вељаноски – Trajko Veljanoski on Понеделник, 03 февруари 2020

 

– Долги години одредени параструктури протураа кажуваа лага дека сум бил некако замешан во случајот „Монструм“. Ми беше тешко да молчам, но знаев и верував дека еден ден сè ќе стане јасно и ќе биде чисто дека тоа беше конструирана лага за мое лично оцрнување. Нападот против мене е ништо и е незначајно во споредба со болката на семејствата на петте прерано згаснати млади животи. Одлуката некој да си поигрува со нивните судбини и чувства е тешко бреме кое ќе остане до крајот на животот. Не посакувам на никого да ги преживува лагите и нападите што јас ги преживеав со оваа ниска и гнасна конструкција. Луѓето што ја смислиле и пласирале со години немаат морал. Денес кога сè е јасно, јас само ќе им порачам да им стои на чест и совест. Ако имаат чест и совест, нема да им е лесно засекогаш – пишува Вељаноски.

Името на Вељаноски на рочиштето за „Монструм“ беше првпат споменато од таткото на едно од убиените момчиња, Горан Наќевски. Тој го праша доскорешниот премиер Зоран Заев дали мајките, кога биле на состанок кај него, го прашале за вмешаност на Вељаноски во убиството и што им одговорил тој.

– Не се сеќавам точно на разговорите со мајките на децата убиени кај Смилковското Езеро. Ако сум кажал таква работа, тоа било бидејќи доаѓале секакви информации. Поставувавте секакви прашања кои мислевте дека ќе ве доведат до вистината. Искрено, без какви било обиди за манипулација или какви било скриени намери, секогаш сум ги давал одговорите пред вас и пред јавноста. Овде ќе напоменам дека во период кога беше јасно дека поседувам сериозни докази за неовластено прислушкување сум можел да користам секаков вид интригантни изјави од кој било карактер и кој било случај за какви било интереси, но тоа никогаш не сум го направил. Не се сеќавам на прашањето за Трајко Вељаноски. Но, ако ме прашате дали имам докази против него, не сум видел и немам никакви докази против него, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од квази-новинари – рече тој.