Натпреварот за надмоќ на светските суперсили добива нова динамика и темпо. Изминатиов период лидерите на најмоќните воени суперсили тврдат дека вештачката интелигенција постепено станува извор на моќ и алатка за доминација во светот

Во својата информација посветена на можностите за користење на вештачката интелигенција, „Дојче веле“ пишува дека трката за оружје што користи вештачка интелигенција веќе е во полн ек, а најголемите светски економски сили се впуштија и во овој вид натпреварување.
– Ние сме среде овој процес, што е реалност со која треба да се справиме – предупреди германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас во интервју за новиот документарец на „Дојче веле“, насловен „Идни војни и како да ги спречиме“.
Слична констатација има и Амандип Синг Гил, кој своевремено водеше група експерти за автономно оружје на Обединетите нации, и во својата изјава за медиумот тврди дека трката се води низ воени и цивилни полиња, а ова „прашање во безбедноста тежи милијарди долари“.

Натаму, во најновиот извештај на американската Комисија за национална безбедност, за вештачката интелигенција се зборува како за „нова парадигма на војување“ во која „алгоритмите се борат против алгоритмите“. Во документот се наведува дека во моментов на САД им се потребни масовни инвестиции на ова поле за „континуирано да се победат потенцијалните противници во иновациите“.

Од друга страна, најмоќната држава во Азија, Кина, ја става вештачката интелигенција во центарот на своите истражувања, публикувајќи официјални документи што велат дека народната армија сѐ поотворено зборува за иднината на „интелигентна дигитална војна“. Рускиот претседател, Владимир Путин, пак, во свое обраќање до нацијата уште во 2017 година рече дека кој и да стане лидер во оваа област, ќе стане и „господар на светот“.

Во меѓувреме, од македонска перспектива на случувањата, состојбите се интересни за анализирање. Имено, нашата држава има одлични компании, кои на светско ниво се конкурентни во ИТ-индустријата со водечките фирми од светот, а нашите стручни кадри на програмери се едни од најдобро рангираните во Европа и во Америка.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов во својот осврт на случувањата вели дека нас не треба да нѐ зачудуваат изјавите на светските елити што ги најавуваат можните процеси што ќе бидат двигател на одбраната и безбедноста на земјите во следниот период.
– Иако за некого можеби ќе звучи чудно и нескромно, но од македонска перспектива овие случувања на безбедносно поле се одлична новост. Роботизацијата и дигитализацијата на одбраната за разлика од конвенционалниот начин на дејствување на војските се многу поевтин и помасовен процес, кој, за среќа, им дава одредена предност на малите армии наспрема големите – вели професорот.

Тој објаснува дека денеска со многу мали финансии, една армија може себеси да се „вооружи“ со голем број дронови, но и со мали возила на далечинско управување.
– Овие уреди, кои чинат неполни 500 евра, може на себе да носат и до 10 килограми на експлозиви, кои ако се наведувани од далечина, може сериозно да го нарушат периметарот во кој би дејствувала непријателската армија – вели професорот.

Според Андонов, овие роботизирани уреди и летала за цивилни употреби веќе се користат на големо, со нив се гаснат пожари, се алармира во шумите за ловокрадците и дрвокрадците, а сето тоа, за жал, веќе од пред неколку години било практика во повеќенаменското подрачје и парк Јасен.
– За жал, дигитализацијата и роботизираниот надглед во македонските шуми требаше да се спроведат од пред повеќе години за многу ниски цени, но надлежните што сега раководат со институцијата не чувствуваат потреба да ги активираат полезните проекти на нивните претходници само поради фактот дека потекнуваат од друга политичка опција – вели професорот.

Според него, нашата младина е компетентна и стручна, а нашите програмери во земјата дури изработуваат програми и делови за електрични автомобили што се моментален крик на индустријата во светот.
– Па, ако можеме да развиваме технологии за електроавтомобили, што би нѐ спречило да си развиваме и свои технологии за одбрана на земјата со кои ќе ја „вооружиме“ АРМ да дејствува во согласност на операциите на нашите сојузници од НАТО – вели професорот.

Тој советува дека во стратегиските документи што треба да се подготват во иднина, за развојот на нашата одбрана, раководните лица треба да размислуваат да ја модернизираат АРМ во поинаков правец, користејќи ги упатствата на оваа тема од светските центри на моќ.
– Нашата војска треба да биде мобилна, опремена со дигитални уреди за сите услови, опремена со голем број дронови за војување и надгледување на терен и брзо адаптибилна на дејства на терористички групи – вели професорот.
Тој резимира дека безбедноста на Македонија во годините што следуваат лежи во иновативната моќ на нашите млади и во нивното разбирање на современите технологии, со чија помош, во правилна смисла на зборот, можеме безбедно да живееме, не плашејќи се од разни агресии на нашиот суверенитет.

[email protected]