Македонија доби исклучително позитивно мислење од Венецијанската комисија за измените во Законот за судови, кој е во собраниска процедура, соопштуваат од Министерството за правда.

Во соопштението наведуваат дека на денешната седница на Венецијанската комисија, мислењето е усвоено, а оттаму истакнуваат дека најголемиот број од мислењата дадени во претходни години се сега имплементирани во законот. Целта на овие измени на законот е усогласување со европските стандарди.

Како клучни измени во делот на Законот за судови, се тие што се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите.

– Постојат повеќе придобивки од измените на Законот за судови: Нови и заострени критериуми за избор на судија, се врши редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите, појаснуваат од Министерството за правда.

Оваа недела министерката за правда Рената Дескоска истакна дека очекува измените да ги поддржат сите 120 пратеници во законодавниот дом.

– Се надевам дека сите 120 пратениците ќе имаат доблест и сила да ги поддржат овие измени, бидејќи тие се веќе верификувани од Венецијанската комисија, која ја цени усогласеноста на законската регулатива со европските стандарди, рече Дескоска.