Александар Велјановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на собраниската седница за пратенички прашања обвини дека владини функционери се претвориле во организатори, соработници и соучесници во криминал.

Првото прашање на Велјановски беше дали против владиниот функционер Драги Рашковски ќе биде поднесен обвинителен акт или ќе биде отворена предистражна постапка.

– Она што го слушнавме од медиумите е дека компанијата ‘Јелак градба’, со седиште во Тетово, чиј управител е контроверзниот црногорски политичар и бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, неодамна го откупила целиот имот од објектот на поранешниот ‘ШИК Јелак’. Но, исто така добила и решение за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост – посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Велјановски зборуваше и за други скандали, кои, како што рече, се поврзани со Рашковски, меѓу кои и случајот „Леонардо“ и набавката на софтвер за потребите на МВР.

– Дали ќе побарате одговорност што Драги Рашковски како висок владин функционер за кој има индиции дека е вмешан во организиран криминал е надвор од државата, далеку од органите на прогонот и Обвинителството, конечно, ќе се охрабри да поднесе акт, односно истрага против него – запраша Велјановски од собраниската говорница.