Фото: Маја Јаневска-Илиева

Велосипедот како симбол на прогресот на функционерскиот начин на размислување

Забележлива е промената на навиката кај граѓаните сѐ почесто до своето работно место да одат со велосипед или со тротинет. Но велосипедот како алтернативно превозно средство сѐ почесто го збогатува и нашето политичко секојдневие. Таквата практика заслужува внимание и треба да претставува позитивен пример и за избраните државни функционери и службеници. Тоа е начин да се покаже дека кај јавните функционери навистина реално, полека но сигурно, се трансформираат свеста и односот кон околината, животната средина, трошењето на јавните пари, односно намалувањето на патните трошоци, чувањето на сопственото здравје и на здравјето на своите сограѓани…

Мотивите на новите народни избраници за користење алтернативни
превозни средства

Прашањето за алтернативните превозни средства за мобилност на народните избраници се актуализира по овонеделната конститутивна седница на Собранието, на која неколку пратеници до своите работни места пристигнаа со велосипеди и со тротинети.

Од партијата Левица, чии пратеници Димитар Апасиев и Борислав Крмов на овој начин стигнаа до парламентот, соопштија дека патувањето до законодавниот дом со велосипед ќе биде рутина за оваа политичка партија, како симболика во борбата против бенефициите на народните избраници.

За издвојување е дека оваа практика за велосипедски превоз на политичарите е секојдневие во европските држави, а во нашава земјава, за волја на вистината, таа најмногу се практикува претежно од претставници на дипломатскиот кор во државата, но и од неколку домашни политичари и градоначалници.

Имено, заштитен знак на владеењето на холандскиот премиер Марк Руте е токму велосипедот. Овој холандски политичар, кој честопати е присутен во светските медиуми, повеќе од една декада е на високи државнички функции и редовно патува со велосипед од својот дом до работното место. Слично на него, претседателот на Исланд, Гуди Јоханесон, според написите во медиумите, на дневна основа минува по триесетина километри со својот велосипед. Во Шведска, пак, поради државните мерки за кратење на непотребните трошења, тамошните политички елити не поседуваат службени автомобили, а на својот пат до работното место овие државни функционери користат велосипеди или различни форми на јавен превоз. Со велосипед на работа оди и градоначалничката на Мадрид, Мануела Кармен, a таква практика додека бил министер за финансии на Грција имал и Јанис Вароуфакис.

Велосипедот како дипломатско возило

Во македонската политика, пак, патувањето со велосипед е обележје на странските дипломати. До своите јавни настапи, амбасадорот на Холандија во оваа земја Дирк Јан Коп честопати користи велосипед, а слично функционира и амбасадорот на Словачка Хенрик Маркуш, кој освен на работни средби, честопати со својот велосипед е активен и на спортски манифестации. За потсетување, модерни дипломати од овој тип, таканаречени „стар бакс политичари“, во земјава имало многу, како такви се окарактеризирани поранешната германска амбасадорка Соња Бене и бившата амбасадорка на Данска, Лисолете Плеснер.

Од друга страна, во правец на актуелните случувања, за обележување се и позитивните примери наведени во медиумите изминативе години за градоначалниците на Скопје и на Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев, но и за поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски и за пратеничката од минатиот парламентарен состав Ирена Стефоска, кои до своите канцеларии патуваа со велосипеди и електрични тротинети.

Велосипедот е новиот белег на македонската политичка култура

Политикологот Милан Стефановски, коментирајќи на темава, вели дека е задоволен како се одвива прогресот на политичката култура во земјава по прашањата поврзани за безбедните превозни екосредства до работните места на државниците.
– Овие начини на дејствување на политичарите не се новост во Европа, но во Македонија тие сѐ уште не се вистинска практика. Кај нас употребата на велосипедите во работата на политичарите во практика се сведува само на пропагандистичка цел, бидејќи не сум убеден дека навистина државниците од Македонија од сите досегашни влади сакаат да функционираат како Европејци. Дополнително, во време кога живееме со коронавирус, велосипедите се тие што ни ја нудат најголемата безбедност, а притоа и истовремено штедиме на патни трошоци и издатоци – вели Стефаноски.
Кај македонските државници владеат позитивно расположение и оптимизам дека велосипедите во блиска иднина би можеле да станат главно средство за превоз на државните функционери.

Во својата последна изјава на оваа тема, актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска истакна дека возењето велосипед е добро дури и кога се спроведуваат средбите со дипломатите, а со нив се подобруваат потрошувачката и ефикасноста на структурните реформи, кои се клучни за фискална одржливост.
Министерот за надворешни работи, пак, Никола Димитров, за време на изборната кампања изјави дека aко сакаме да бидеме здрава нација, треба да обезбедиме соодветна инфраструктура за секојдневно користење на велосипедите.
Димитров истакна дека е поддржувач иницијативата што е во насока и на политичка поддршка на велосипедскиот транспорт, како во Скопје така и во другите градови, но и на меѓуградскиот велосипедски транспорт.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потсетник за народните избраници, владините функционери и службеници
Зошто е добро да се вози велосипед или тротинет

Еве што советува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој е активен поддржувач на алтернативните форми на мобилност:
Велосипедот претставува економски, еколошки и енергетски најодржлива форма на транспорт и мобилност.

• Возењето велосипед е во хармонија со природата, придонесува за здрава животна средина, намалено загадување, намален метеж и намалена бучавост.

• Со возење велосипед пристигнувањето на саканата локација е побрзо и помалку стресно. Истражувањата покажуваат дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување и полесно паркирање. Истражувањата исто така покажуваат дека во услови на сообраќаен метеж, превозот со велосипед е побрз за 8 до 12 километри на час, отколку со автомобил. Во просек, со автомобил ќе поминете повеќе од половина час заробени во сообраќајниот метеж (околу 7 километри на час), во споредба со просечните 15-20 километри на час ако сте со велосипед.

• Придобивките по здравјето на луѓето од оваа здрава животна навика се многубројни и бесценети. Возењето велосипед согорува 600 калории на час. Ефикасноста на телото да согорува калории и маст е подигната додека возите велосипед, но и неколку часа потоа. Возењето велосипед неколкупати неделно ги намалува крвниот притисок и стресот, а истовремено ви ја зголемува енергијата. Ако редовно возите велосипед, вашиот организам ќе биде за 10 години помлад.

• Велосипедот развива позитивна „зависност“ и нѐ ослободува од стресот.

• Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство заштедувате многу пари за скапо гориво. Исто така, купувањето велосипед е многу поевтина опција отколку купувањето автомобил.

• Возењето велосипед создава пријателства и ја подобрува комуникацијата со луѓето и со околината.

• Возењето велосипед ги заштитува планетата и шумите. Еден автомобил може да зафати простор колку и 20 велосипеди. Само 5 проценти од енергијата и материјалите потребни за производство на автомобил се доволни да се направи еден велосипед.

• Паркингот за велосипеди е секогаш достапен и бесплатен.

[email protected]