Традиционалниот Вевчански карневал годинава се одржува под мотото „Напрај се василичар“, а официјално почнува денеска напладне, со прием што го приредуваат организаторите, а подоцна започнува масовната прошетка.

Според програмата, дефилето на карневалот е од 14 часот, а од 21 часот има богата музичка програма, додека точно на полноќ, меѓу 13 и 14 јануари, започнува прославата на Стара нова година, со голем огномет. Следниот ден, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.
Сашо Јанкоски, градоначалникот на општината Вевчани, вели дека маските се подготвени, но, како и секогаш, тие се чуваат во тајност.

– Василичарите го чекаат 13 јануари за конечниот почеток на карневалот стар со милениуми, за да се покажат. Најавуваат многу сатира и креативност. Сепак, апелирав, а сега повторувам уште еднаш, маскарите да се воздржат од ликови и креации со кои би навредиле нечии чувства од верска, национална или етничка природа – вели градоначалникот Јанкоски.

Годинава се очекува рекорден број на посетители, многу повеќе од ланските над десетина илјади. Домаќините додаваат дека секоја година бројот се зголемува.
Инаку, Вевчанскиот карневал е еден од најпознатите настани во земјава. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди што упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи.

Во 1993 година, Вевчанскиот карневал односно Вевчани стана член на ФЦЦ-асоцијација на светските карневалски градови.