Мојот образовен пат го поминав лесно, единствено поради мојата желба за наобразба и благодарение на среќата што ја имав да ми предаваат одлични педагози и научници, вели Гичевски

ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

Ја обожавам и научно-истражувачката работа, но некако попривлечна ми е идејата директно да учествувам во креирањето на иднината на мојата татковина Македонија. Во тој контекст јас и направив еден спој, паралелно да си работам свои истражувања, но главната дејност да ми е просветата, вели Васко Гичевски, првенец на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Историчарот дипломирал со просек 10 и беше еден од најдобрите студенти на УКИМ во 2019/2020 година, а ја доби наградата „26 јули“ од фондацијата „Франк Манинг“.

„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци.

Васко Гичевски со ректорот на УКИМ, д-р Никола Јанкуловски/Фото: Приватна архива

Отсекогаш сакав да се посветам на наставничката дејност

Гичевски има објавено повеќе стручни трудови во неколку научни релевантни изданија, а учествувал и на неколку истражувачки проекти и конференции.

Вработен е како наставник по граѓанско образование и етика во ООУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци и тоа, како што вели, го прави и среќен и задоволен, меѓу другото и зашто добил прилика да работи во училиштето каде што го стекнал првоначалното образование.

– Работам свои истражувања, но главната дејност да ми е просветата. Со натамошната академска кариера раскрстив од повеќе причини. Моето мислење е дека кај нас постдипломските студии во суштина се економски неисплатливи, општествено не се вреднуваат и се повеќе чин на формална титуларизација отколку резултат на научни постигања, искуство и знаење – истакнува Гичевски.

Имав среќа да ми предаваат одлични педагози и научници

Искуството, како што раскажува, го научило дека одењето за каква било потреба во државна установа или институција не е само обичен, едноставен чин, па така е и со образовните.

– Пред сѐ, тоа е судирање со масивна бирократија и разноразни прописи кои се спротивни еден на друг. Светла точка на македонскиот образовен систем се професионалците од сите профили, кои пожртвувано си ја работат работата и се трудат да креираат добра иднина, градејќи одлични кадри. Ако би требало да сумирам, би рекол дека мојот образовен пат го поминав лесно, единствено поради мојата желба за наобразба и благодарение на среќата што ја имав да ми предаваат одлични педагози и научници – смета Гичевски.

Призанијата и наградите на Гичевски/Фото: Приватна архива

Може да има промени во образовниот процес

Гичевски вели дека е пресреќен што може да е професор, иако смета дека нашиот образовен процес е горчливо прашање.

– Ние во моментов имаме масовна неписменост, што се утврдува и со ПИСА- тестирањата. Факт е дека имаме мнозинство од луѓе на различни нивоа од образовниот процес кои не знаат добро да читаат и пишуваат, кои не знаат основни математички операции, се движат по инерција низ образованието и тоа ќе го верифицираат со некаков документ, било да е свидетелство, средношколска или факултетска диплома.  Наместо развој на образованието ние во изминативе години имавме деградација. Би бил пресреќен тоа да се промени, убеден сум дека може да се стори тоа – додава Гичевски.

Најдобро се учи кога си одморен

Гичевски ги советува своите ученици дека најдобро се учи кога си одморен, со претходно подготвен план.

– Никогаш не сум учел доцна во ноќта или кампањски кога има потреба. Поинаку кажано, мојот совет е да се учи континуирано, во време кога психофизички сме спремни за наобразба. Сѐ спротивно од ова ќе резултира само со стрес и губење време – заклучува Гичевски.