Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи – изјави рече Васил Огњановски, синот на пациентот кому ноќеска му беше трансплантирано срце.

Тој изрази сочувство до семејството на починатата жена, чие семејство го донираше нејзиното срце и бубрезите, за да спасат неколку животи.

– Ѝ благодарам на фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми – рече Огњановски. Тој раскажува дека се се случило многу бргу. Им било јавено пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација во земјава.

Тој би сакал да се сретне со семејството на донаторката, но вели дека најпрво треба да стивне нивната болка и да закрепне татко му пред да се реализира средбата.

– Сакаме да им кажеме дека нејзиното срце се уште чука. Фамилиите ќе останат сплотени, а срцето е нашето единство – рече тој.

Првата трансплантација на срце, која беше изведена ноќеска, во координација со министерот за здравство Венко Филипче ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска. Таа со својот тим болнички координтори д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

На Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работеа лекарски тимови под раководтсво на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Ставридис и д-р Јанчулев со тим лекари од клиниката.Во оваа постапка беа вклучени и лекарите од Институтот за трансфузиологија кои ја направија комплетната обработка за совпаѓање на донорот и на реципиентите на органи, лекарите од Институтот за радилогија кои ги направија потребните снимања, како и лекарите од Клиниката за нефрологија кои ги водеа и подготвија за трансплантација пациентите на дијализа.