фото: Маја Јаневска Илиева

Еврокомесарот Оливер Вархељи изрази задоволство за успехот за испорачување на првите вакцини обезбедени од Европската Унија за што, како што истакна, не било лесен процес, но е резултат на напорната работа на Европската Унија, притоа изразувајќи посебна благодарност за ангажирањето на австриската влада.

– Со ова покажуваме дека се грижиме за вас, за Северна Македонија, и тоа ми е поентата, да истакнам дека ние како Европска Унија се грижиме и сме покрај Западен Балкан, односно Северна Македонија од почетокот на самата пандемија и ќе продолжиме да бидеме покрај вас, ќе продолжиме и со другиот дел на вакцините – рече Вархељи оценувајќи дека ова е почеток и изрази надеж дека процесот на вакцинација ќе биде целосно заокружен.

Тој рече дека речиси 120.000 вакцини целосно финансирани од ЕУ како подарок се одобрени за Република Северна Македонија и ќе бидат испорачани до крајот на август со цел што побргу да се надмине пандемијата.

Вархељи истакна дека вакцинацијата ќе обезбеди растоварување на здравствениот систем и олеснување на товарот што го сносат медицинските лица цело време додека трае здравствената криза.