Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов засекогаш остануваат врежани во историската меморија на македонскиот народ како изразители и бранители на македонската кауза меѓу двете светски војни. Со своето творештво и политичка активност, во многу сложени услови кога Македонците немаа сопствена држава, ги негуваа и пројавуваа македонските национални интереси и особености.

Споменатите македонски интелектуалци остануваат запаметени како едни од најталентираните македонски писатели пред Втората светска војна, но тие беа многу повеќе. Со јасна македонска национална свест, го поплочија патот на новите генерации на македонски интелектуалци и патриоти кои твореа по создавањето на македонската држава.

Вапцаров и Антон Попов ги чуствуваа потребите на времето во кое живеаа и не случајно првиот велеше: „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“, а вториот: „Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат.“

Поради својата национална и политичка дејност, на 23 јули 1942 година Вапцаров и Антон Попов беа стрелани во Софија.

На 79 годишнината од нивната трагична смрт во редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа две литературни творби посветени на македонските великаните Вапцаров и Антон Попов. Стихотворбите се потпишани со псевдонимот Една Македонка и ги пренесуваме во целост.

„Славеј пирински“ – на Никола Јонков Вапцаров

Слета славеј од Пирина,

Крилја спушти на глава сонлива,

глава ми била македонска

младешка душа дремлива.

Се разбуди дете од пазува,

Пазува од земја неорана,

земја мачна, земја тврда,

онаа со маки натопена – македонска.

Развигор се вдаде во пролет шумлива,

да пее, да шушти, да пишува,

во уста песна, во гради болка,

за невеста укoрена

за слобода изгбена.

Денови истекуваа во суводолица,

тага и болка во песна се зголемија,

но радост и надеж не престанаа

да виорат знаме и жед за слобода.

И подигни и сега чело о, Никола,

не запиусте земја македонска,

уште се лее крвта незамрзната,

топлина во синовите на земја македонска.

Вечна ти памјат во небесна вечнотија,

и зборови неминливи на јаве и во сништа

на твоја и наша татковина.

„Чија си“ – на Антон Попов

О мисло безметежна,

ќерко на просјак,

срно ранета.

Кој ли те родил

но не те скротил,

килим ти послал –

ти само да послужиш.

Цвеќе, мисло, во есен да набереш,

зима да мириса,

во пролет сонце да дочека,

сонце на слобода во оваа Македонија.

Да знаеме сите да паметиме,

става ти излегла од Антона,

сила дошла од љубов недремлива

крила од небеса се подарија.

Ја обиколи мисло земја стара,

белким ќе се најде некој да запраша

чија е оваа накитена невеста,

мисла која мисли на слобода.

Подигнете се гори и долини,

зашумете високи ели и борови,

незнаен јунак – народ не заборави,

име негово во векови да се виори

тој не ја праша Македонија – чија си?