Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата, изјави вчера заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој рече дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете. Но, како што истакна Чакаровски, Министерството за здравство мора да води сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано а инфицирано дете може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња.
– Колективната безбедност не само на децата туку општо во државата е многу важна работа. Министерството за здравство во изминатиот период ниту работело ниту ќе работи на скратување на правата, а особено на правата на децата, односно правата на децата за кои одлучуваат родителите. Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – рече Чакаровски пред почетокот на одбележувањето 65 години од основањето на ЈЗУ „Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле“.
Тој истакна дека огромен број пратеници го поддржуваат овој став дека мора да се води сметка за колективната безбедност, односно за колективната сигурност на децата.

– Тие во последните денови излегоа со изјава дека секаде во земјите каде што е намален процентот на имунизација треба да се работи против тие антивакцинални кампањи – додаде Чакаровски.
Директорот на ЈЗУ „Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле“, Ангелчо Андоновски, рече дека вакцинацијата е потребен сегмент на едно општество, треба да е услов за упис во училиштата и е ставена во законски рамки.
Инаку, во согласност со Законот за заштита на населението од заразни заболувања, имунизацијата е задолжителна, а оној родител што нема да дозволи неговото дете да биде вакцинирано може да се соочи со парична казна од 300 до 650 евра. Во согласност со Законот за основно образование, пак, образованието исто така е задолжително, односно секое дете има право на образование. Во овој закон е наведено и дека кога детето во мај се запишува во училиште треба да приложи и потврда дека е вакцинирано.