На Светскиот ден на крводарителството – 14 јуни, Министерството за здравство информира дека годинава буџетот на Програмата за организирање и унапредување на крводарувањето изнесува 40 милиони денари, што е за 15 милиони денари повеќе во однос на претходната година.

– Дарувањето крв е највисок чин на хуманост и алтруизам со кој се овозможува здравствените работници секојдневно да спасуваат човечки животи – порачуваат од ресорното Министерство.

Програмата за организирање и унапредување на крводарувањето се реализира во соработка со Црвениот крст, како значаен партнер во унапредување на здравствената заштита.

Со неа се опфатени бројни активности за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението, подготовка на крводарителски акции, изготвување информативен материјал, анкетирање и изготвување списоци на потенцијални дарители на крв, учество на волонтери, евиденција на крводарителските акции, како и доделување признанија на крводарителите.

Во областа на крводарителството активно е вклучен и Институтот за трансфузиона медицина, каде во континуитет се вложува во унапредување на условите за работа.

Институтот за трансфузиона медицина е отворен за сите заинтересирани лица кои сакаат да придонесат кон спасување човечки животи со дарување крв.

Во 2020 година, реализирани се 21.301 дарување на крв, 157 дарувања на тромбоцити и 16 дарувања на конвалесцентна плазма. Од нив, 7 дарувања со постапка на клеточен сепаратор и 9 преку стандардно дарување на целокупна крв. Со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на исто толку пациенти со Ковид-19.

Излекуваните лица од ковид-19 имаат можност да даруваат крвна плазма, што исто така, претставува вид на крводарување, што се користи како лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирус.