Парламентарните и претседателските избори во Бугарија во недела се клучни за нашите амбиции, но и за амбициите на САД и ЕУ – Софија да ја укине блокадата за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Ова за бугарски медиуми го изјави специјалниот претставник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, за кого, како што стои во новинарските извештаи исклучително е важно дали во Бугарија ќе има политичка влада по третите парламентарни избори.

„Мислам дека ќе има кабинет. Прашање е дали ГЕРБ на Бојко Борисов ќе формира коалициски кабинет или таканаречените протестни партии предводени од „Продолжуваме со промената“ на поранешните министри Петков и Василев“, вели Бучковски.

„Роковите за формирање влада ни се важни, бидејќи се наоѓаме пред седницата на Советот на ЕУ што ќе се одржи кон средината на декември“, додава тој.

„САД и Европската Унија не кријат дека ги чекаат изборните резултати за да помогнат да се најде решение за спорот со Македонија. Позициите на Борисов и Радев ни се добро познати. Протестните партии и пред се „Продолжуваме со промената“, се исклучително позитивни во однос на изнаоѓање решение и укинување на блокадата“, додава Бучковски.