Бугарскиот цар Борис и Адолф Хитлер

Историските настани од минатото можат да се толкуваат, но историската вистина која е поткрепена со факти и докази не може да се видоизмени. Учесниците во историските случувања мора да бидат точно именувани за да не се предизвика збунетост, грешка или заблуда. Изразите бугарски фашисти се однесува на бугарската држава која била сојузник на Хитлер и ја окупирала Македонија.

Постојат стотици историски документи и сведоштва за улогата на Бугарија во Втората светска војна, како и нејзината соработка со Адолф Хитлер и нацистичка Германија. Кооперацијата на бугарската држава се покажала како клучна во окупирањето на Југославија и Грција, а на крајот Бугарија како сојузник на Германија била наградена со голем дел од територијата на Македонија.

„Судење на големите воени злосторства пред Интернационалниот воен трибунал“

Меѓу споменатите историски документи се вбројуваат и сведоштвата на повеќемина истакнати лидери на Третиот рајх во текот на Нирнбершките судења (1945-1949 год.). Од сведоштва дознаваме бројни информации за воените злосторства кои беа извршени од страна на нацистите, но и за поведението на Бугарија кон Германија. Сведоштва беа објавени во неколку изданија под наслов „Судење на големите воени злосторства пред Интернационалниот воен трибунал“.

Во изданието од 1947 година, објавено во Нирнберг, постојат повеќе информации за соработката и кооперацијата на Бугарија со Третиот рајх и Адолф Хитлер. На 27 март 1941 година во седиштето на Хитлер била издадена строга наредба која била наменета највисоките команданти на германската армија. Во наредбата се вели: „Мојата намера е да ја нападнам Југославија со моќни удари од подрачјето на Фиуме-Грац и од Софија во општа насока кон Белград и понатаму кон југ, со цел да и се нанесе на југословенската армија одлучувачки пораз, како и да се отсече јужниот дел од остатокот на Југославија и да се претвори во база за понатамошни операции на германско-италијанските сили против Грција. Со предлози за враќање на Македонија и Банат, ќе се направат обиди за учество за Бугарија и Унгарија во операциите.“

Во понатамошните воени советувања, Хитлер нагласил дека, според информациите со кои располага, Советскиот Сојуз немал намера да се бори против Германија или Романија. Затоа било прифатено германските трупи да поминат низ романска територија, а Генералот Јодл, кој бил присутен на оваа конференција, ја опишал стратешката состојба на германската армија, нагласувајќи ја неопходноста од напад врз Грција преку Бугарија.

Очигледно е дека Хитлер и неговите најблиски соработници имале намера да им нанесат одлучувачки воен удар на Југославија и Грција, затоа решиле да започнат преговори за придобивање на Бугарија. Историските настани покажуваат дека германските и бугарските водачи  воделе преговори, а на крајот бугарската држава го прифаќа предлогот во замена за Македонија.

Од споменатите сведоштва дознаваме дека Македонија ѝ се доделува на Бугарија, а прелиминарно разграничување на границата, од воено гледиште, ќе го спроведе Врховната команда на армијата, која ќе го подготви предавањето на Бугарија.

Овие сведоштва, како и стотината други историски документи, потврдува дека Бугарија во Втората светска војна била сојузник и соработник на нацистичка Германија, затоа во споменатото издание јасно се определува улогата на бугарската држава.  Историјата вели дека Бугарија водела преговори со Адолф Хитлер и на крајот како сојузник застанува покрај Германија, во замена за Македонија.