Македонските туристи се однесуваа неодговорно, изјави за Радио „Фокус“ Емил Нешев, директор на Планинската спасувачка служба(ПСС), која синоќа од амбис на Пирин Планина извлече петмина македонски сноубордери и скијачи кои скијале надвор од означената патека.

На терен беа вклучени шестмина спасувачи од Банско, а уште петмина биле ангажирани околу лоцирањето на сигналот за помош и организација на спасувачката акција.

Нешев одби да ги коментира финансиските аспекти на акцијата, но додаде дека таквото неодговорно однесување ги доведува во ризик спасувачите и доброволците кои сакаат да помогнат.

– Тоа се нешта кои немаат финансиска вредност – појасни Нешев.

Тој потсети што сѐ треба да се направи пред да се замине во планина.

– Треба да се соберат информации за атмосферските услови, како во моментот, така и за претходните неколку дена. Тоа ќе ни даде информации што се случува на планината и какви се ризиците што нѐ демнат, за да можеме да донесеме вистинско решение дали да ги преземеме соодветните дејства, или, пак, не. За секој случај, треба да имаме и план за брза евакуација од планината- рече Нешев.

Тој уште потсети дека заканите за лавини на бугарските планини и натаму остануваат.