Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го поздравува објавувањето на Пакетот за проширување на Европската комисија за 2019 година. Оттаму преку соопштение наведуваат дека се утврдени водечките принципи на политиката на проширување – принципот на заслуги и фокусот на владеењето на правото и основните слободи.

– Проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан останува една од приоритетните теми за Бугарија и треба да продолжи да зазема важно место на европската агенда. Добрососедските односи, регионалната соработка и владеењето на правото се критериуми од хоризонтално значење што спаѓаат во рамките на конвенциите. Задоволни сме од задржувањето на динамиката постигната од бугарското претседателство на Советот на ЕУ за проширување, вклучувајќи ги и заклучоците усвоени во јуни минатата година, кои исто така се одразуваат и во тековните извештаи на ЕК. Во таа смисла, ги поздравуваме препораките за почеток на пристапните преговори и со Република Северна Македонија и со Албанија – велат од бугарското МНР.

Министерството додава дека со оглед на приоритетот на добрососедските односи, во секоја фаза од процесот ќе биде потребно да се оцени спроведувањето на договорите постигнати во оваа област со сите земји кандидати кои ги спроведуваат пристапните преговори. За таа цел, велат од бугарското МНР, особено ќе биде важна примената на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија.

– Бугарија внимателно ќе ги анализира извештаите и препораките на ЕК, со оглед на евалуација на нивната веродостојност и објективност. Ќе ги вложиме сите напори за донесување на заклучоците на Советот, потврдувајќи го значењето на политиката на проширување на ЕУ како клучен инструмент за мир, стабилност, безбедност, просперитет и трансформација на општествата во земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство преку исполнувањето на потребните критериуми. Очекуваме заклучоци со кои ќе биде подготвено решение за почеток на преговорите за членство со Република Северна Македонија и Албанија – велат од бугарското Министерство за надворешни работи.