Над 86 отсто од Бугарите се обединети околу идејата дека не можат да се откажат од историските корени и историскиот идентитет. Оваа идеја ја обединува скоро целата бугарска нација веќе 80 години, вели во интервју за бугарската БНТ, Кирил Топалов, член на Меѓусекторската комисија помеѓу Бугарија и Македонија.

Тој истакнува дека во однос на надворешната политика, Бугарите се ориентирани во две насоки – едната претпочита европска ориентација на Бугарија, другата ја претпочита руската ориентација, а како што објаснува, единственото нешто што ги обединува е македонската кауза.

Според него, залудни се надежите на политичарите во Македонија, македонската кауза да биде предадена поради актуелната политичка состојба во Бугарија.

– Никој не може да ја принуди Бугарија да и попушти на земја што не се распадна со тоталитарно-комунистичка државотворна енергија и форма на управување, која што се мачи и самата да изработи правила за да биде членка во ЕУ – додаде Топалов.

Според него, Македонија не ги исполнува своите обврски од договорот со соседната земја-членка.

– Треба да заборавиме дека сме браќа, братучеди и слично, на нив треба да гледаме како на соседна земја, кон која се однесуваме со симпатии, со доверба, но исто така и тие мора да ни возвратат на ист начин – вели Топалов.