Фото: Игор Бансколиев

Според неофицијални податоци, само на територијата на Скопје има над 300 бездомници, а точната бројка тешко не може да се утврди бидејќи многумина од нив немаат никакви документи, а често ја менуваат и локацијата каде што престојуваат

Околу милион и половина е бројот на ученици во САД што искусиле бездомништво во периодот од 2015 до 2018 година, покажуваат податоците во извештајот на американскиот Национален центар за едукација на бездомници.
Оваа бројка е блиску до бројот на населението во Македонија ако се земат предвид иселувањата што постојано се случуваат во земјава, а во која и натаму нема официјален податок за бројот на бездомници.

Официјалните податоци од Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека на територијата на Скопје има згрижено 244 бездомни лица, од кои 56 се сместени во Чичино Село, 105 лица во објектот „Ранка Милановиќ“, додека 83 лица се сместени во контејнерската населба Визбегово.
Од друга страна, според неофицијални податоци, само на територијата на Скопје има над 300 бездомници, а точната бројка тешко може да се утврди бидејќи многумина од нив немаат никакви документи, а и често ја менуваат и локацијата каде што престојуваат.

Дополнителен проблем е што во другите градови во земјава нема соодветни прифатни пунктови за бездомници, така што тие се оставени на милост и немилост на временските услови, но и на добрата волја на своите сограѓани.
– На улица сум десетина години. Порано работев во фирма загубар, но таа пропадна уште при распадот на Југославија. Немам семејство, а сега преживувам така што просам. Спијам на клупа кога е потопло или во некои импровизирани живеалишта во различни делови на градот – вели жена бездомник, која се претстави само како тетка Вера.

Таа додава дека извесен период одела и во народните кујни организирани во црквите и дека таму добивала некаков оброк.
– Добро е што оваа зима не беше толку студена, па некако полесно се минуваа ноќите на отворено. Пред неколку години фати поларен студ во февруари и тогаш неколку вечери минав во пунктот за бездомни лица во Момин Поток. Страшно е да се остане на студот надвор, не знаеш дали ќе го дочекаш утрото – тажно вели тетка Вера.
Од Црвениот крст велат дека во државата нема сериозно истражување што ќе покаже колкав е вистинскиот број на бездомници.

– Се оперира со бројка од 300 луѓе на територијата на Скопје, но таа бројка веројатно е поголема. Нема некое сериозно истражување што ќе покаже колку лица се без дом. Кај нас во пунктот за бездомни лица во Момин Поток на почетокот доаѓаа 15 луѓе, па 50, па 100 и оваа бројка постојано расте – вели Драгана Лазаревска, која работи во пунктот.
Реагираат и некои од граѓаните, кои сметаат дека државата, но и општеството не прават доволно за оваа категорија граѓани.
– Во рок од еден месец само во населбата каде што живеам дојдоа градежни фирми и на три одвоени локации за два часа демолираа функционални фински бараки. На нивното место никнаа згради, а овие бараки можеа да им се подарат на некои луѓе без покрив над главата, наместо што беа уништени од багерите – вели Столе Николовски, пензионер.

„Нова Македонија“ темата со бездомниците ја актуализира уште пред две години, кога преку истражувачка сторија во неколку продолженија, каде што нашиот новинар, живеејќи го животот на бездомниците извесен временски период, се обиде да го пренесе светот на бездомниците виден преку нивните очи. Истражувачката сторија предизвика извонредно позитивни реакции кај јавноста и читателите, кои за краток период обезбедија многу работи за да им го олеснат животот на таа ранлива група наши сограѓани, но, за жал, истражувањето не мобилизира доволно ресурси за организирање што поуспешен институционален системски приод за решавање на овој социјален феномен.
На светско ниво, според податоците на Обединети нации, 100 милиони лица се бездомници, што значи дека секој седумдесетти граѓанин е бездомник.