Премиерот Зоран Заев денеска ја прими амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, која на почетокот на средбата го изразила своето, како и сочувството на народот на САД за жртвите од пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, информираат од владината прес-служба.

Премиерот информирал дека е во тек сеопфатна истрага за случајот во која покрај домашните, се вклучени и експерти од Германија во делот на форензиката за да се утврдат, како што рекол, најточните причини за пожарот со трагични последици.

Заев и амбасадорката истакнале дека денешната средба се остварува на денот кога пред 26 години двете земји воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади, дека Северна Македонија и САД продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапувањето и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО.

Амбасадорката Брнз се заблагодарила за поддршката на Северна Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласила дека гестот на нашата земја е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО.

На средбата станало збор и за соработката меѓу двете земји на економски план, при што бил поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата од фосилни кон обновливи извори на енергија.

Како позитивна била оценета определбата на Владата за справување со корупцијата при што било истакнато дека кампањата за борба против оваа појава има за цел не само да ја промени перцепцијата, туку и системски да ги елиминира причините за коруптивно однесување.