Брзите кредити функционираат во развиените земји. Тие не се замена на кредитирањето од страна на банките, туку дополнително зголемување на кредитниот потенцијал. Овие небанкарски институции брзо и лесно одобруваат кредити и ги префрлаат средствата за многу краток рок на трансакциската сметка на клиентите. Тие ги одобруваат кредитите со мала бирократија, со минимален број документи, па дури и без документи за работно место, или без жиранти, во зависност од компанијата. Има и такви што обезбедуваат кредит само со лична карта. Иако на овој начин стануваат многу подостапни за граѓаните, сепак, овие предности се компензираат со повисоката цена на производите, односно со поголема камата на сумата што треба да се врати

Брзо и лесно до пари, одобрување на кредитот за неколку часа, без жиранти, парите веднаш легнуваат на вашата сметка… Ова се само мал дел од рекламните пораки што секојдневно ги слушаме и со кои се рекламираат таканаречените брзи кредити.
Неизбежно се наметнува прашањето колку тие се конкуренција за банките и редовните кредити, дали подлежат на истите услови како и банките, но секако и какви се гаранциите за корисниците на „брзи кредити“.
Во Македонија лиценците за овие финансиски институции ги издава Министерството за финансии, кое исто така е задолжено за регулирање на работата на овие небанкарски финансиски институции што ги доделуваат таканаречените брзи кредити.
Овие финансиски институции не претставуваат замена на кредитирањето од страна на банките, туку дополнително зголемување на кредитниот потенцијал. Рокот на достасување, вообичаено, е многу пократок од тие на деловните банки.

Ваквиот вид заем е познат во развиените земји, но не може да се донесе општ заклучок за нивната присутност, која најмногу зависи од домашните законодавства. Побарувачката на овие кредити треба да се следи со зголемена внимателност поради заштита на потрошувачите. Од друга страна, не постои опасност за финансиската стабилност, затоа што изворите на финансирање на предметните небанкарски финансиски институции не се депозитите и заемите, туку пред сѐ сопствените средства на овие институции – објаснуваат од Народна банка на Република Македонија.

Од Министерството за финансии не одговорија на нашите прашања поврзани со овој тип финансиски институции, но она што може да се забележи на нивната веб-страница е дека во делот за финансиски друштва се регистрирани 19 вакви институции. Нивните одобренија за работа почнуваат да се издаваат од 2011 година, но поголема масовност е забележана во последните пет години.
Иако бројката постепено расте и денеска конкуренцијата меѓу овие небанкарски институции е порасната, сепак, експертите сметаат дека тоа не е доволна причина за тие да претставуваат каква било конкуренција за банките. Засега бројот на овие институции е многу мал за да предизвика конкуренција, доколку се зголеми, доколку се намножат, можеби ќе станат и поконкурентни. Инаку овој тип заеми ги има насекаде во светот, не е нешто ново, но засега не би можеле да бидат конкуренција за нашите банки. Факт е дека услугите на овие институции ги користат претежно луѓе што не можат да земат кредит од банките поради различни причини, па се подготвени да платат и повисоки камати за да добијат средства. Тоа може да се пензионери, лица што имаат приходи, но поради строгите банкарски критериуми не можат да добијат кредит, па позајмуваат во вакви институции – појаснува поранешниот гувернер Љубе Трпевски.

Од она што може да се забележи на веб-страниците на овие небанкарски институции е дека брзо и лесно одобруваат кредити и ги префрлаат средствата за многу краток рок на трансакциска сметка на клиентите. Тие ги одобруваат кредитите со мала бирократија, со минимален број документи, па дури и без документи за работно место, или без жиранти, во зависност од компанијата. Има и такви што обезбедуваат кредит само со лична карта. Иако на овој начин стануваат многу подостапни за граѓаните, сепак, овие предности се компензираат со повисоката цена на производите, односно со поголема камата на сумата што треба да се врати.

Некои од граѓаните се скептични кон новини и на овие заеми гледаат со недоверба, најмногу поради страв дека дополнително би можеле да заглават доколку се најдат во ситуација да не можат да ги вратат средствата. Сепак, и овие финансиски институции, како и банките, не му издаваат кредити на клиент доколку сметаат дека тој не е во можност да го врати. Поголемиот дел компании нудат мали кредити, за кои најчесто рокот на враќање е еден месец, или, како што ги нарекуваат, кредити до плата, за и самите да се заштитат и да си ги повратат средствата.

Фото: Маја Јаневска-Илиева