„ Брако“ го доби тендерот како резултат на добрата цена и фактот дека е единствен производител на поцинкувана жица во земјата, стои во реакцијата на компанијата по обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека го добиле тенредерот, бидејќи сопственик на удел во компанијата е вицепремиерот Кочо Анѓушев.

–  „ Брако“ е единствена македонска компанија што произведува поцинкувана жица во земјата. Тендерот е добиен како резултат на добрата цена и фактот дека само Брако произведува ваков тип жица. Со оглед на тоа дека неколкупати досега сме предмет на прозивања од страна на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, сакавме јавно да прашаме дали оваа партија сака да го фаворизира домашното производство или заговара увоз наместо раст на домашните компании. Јавно се откажавме од сите грантови на државата, од сите тендери за трговија каде јасно кажавме дека нема да учествуваме, но во овој сегмент, поцинкувана жица и мрежа сме единствени и најконкурентни во регионот. Секоја друга понуда е далеку поскапа од нашата, а квалитетот е неспоредлив, се наведува во реакцијата на „ Брако“ .

Од компанијата го прашуваат ВМРО – ДПМНЕ дали тендерот треба да го добие посредничка фирма со повисока цена и тоа на штета на македонска фирма и најважно од се, посочуваат, на штета на државна институција, во кој случај, додаваат, ќе се наштети на буџетот на државата бидејќи секој денар плус значи неодговорно трошење на средствата.

– Ние како компанија сме подготвени за секое сценарио, свесни дека еден од нашите сопственици е вицепримиер, кој всушност е малцински сопственик. Поставуваме прашање дали не треба да се јавуваме на тендери за производи на кои само ние ги произведуваме тие производи и имаме најдобра цена и секако дали со нашето повлекување ќе се нанесе штета и на државната институција и на нас како компанија, онаму каде сме најконкурентни со цена, посочуваат од „ Брако“ .

Воедно, од комапнијата наведуваат дека се лидер во регионот на производство на жичени производи со 96 отсто извоз во 21 држава.

– Компанијата е пример како една македонска фирма може да се развива и да расте постојано.  „ Брако“ има голем број странски партнери, големи проекти во светот како што е производство на првите камиони во земјава и своето производство постојано го прошируваме, се додава во соопштението.