Владата и Министерството за здравство не преговараат со никого за преземање на Детската кардиохирургија, истакна владиниот протпарол Миле Бошњаковски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

-Во моментов се прави анализа за конечно решение и во која насока во иднина треба да се реализира евентуалното јавно-приватно партнерство. Анализата се прави исклучиво во интерес на бенефитот на децата во Република Македонија – изјави Бошњаковски.

Нагласи дека консултациите се во тек и оти нема да се донесе никаква одлука пред јавноста да се вклучи во дебатата и пред да се утврди кое е најдоброто решение во однос на постоењето на Детската кардиохирургија и евентуалното јавно-приватно партнерство со некоја од приватните здравствени установи во земјава.