ВМРО-ДПМНЕ до утре треба да ги достави предлозите во врска со законот за Специјалното јавно обвинителство, а задутре, в петок, е закажана нова средба на која ќе се разговара за разликите по ова прашање меѓу Владата и опозицијата.

Како што потврди денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски, постојат серизони разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ, кое бара СЈО да биде посебно одделение.

-Дефинитивно за нас како Влада предлог-законот е најсоодветно решение и сметаме дека треба да се имплементира без одолговлекување- нагласи Бошњаковски.

Тој потврди и дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе ја посети земјава но, како што рече, датумот на посетата сеуште не е дефиниран.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со промената на имињата на институциите, Бошњаковски потенцира дека кратенката на МАНУ и натаму останува, а за нејзиното целосно име ќе треба да се произнесат академиците. За АРМ, пак, ќе се следат духот и принципите на Преспанскиот договор.

-Најверојатно во наредниот период ќе биде прецизно кажано. Во моментов јас немам информации- рече портпаролот.

Во однос на Законот за попис, портпаролот Муамет Хоџа посочи дека ова не било точка на дневен ред на вчерашната владина седница. Кога законот ќе биде разгледан, јавноста, рече, ќе биде информирана.

Бошњаковски информира и за набавката на амбулантните возила за потребите на Првата помош. Нагласи дека оние дополнителни осум што ќе бидат земени од Министерството за земјоделство досега практично не се употребувале и сега само се ставаат во функција.

-Министерството за здравство набавува 12 нови амбулантни возила. Овие осум постоеле во МЗШВ и биле речиси неупотребени. Идејата сега е целисходно да се искористат. Им се најде употребна вредност- рече портпаролот.

Дополни дека „мерцедесот“ е сè уште дел од судската постапка поради што Владата не го користи.

– Мерцедесот е симбол на едно расипништво. Оваа Влада се откажа од него. Премиерот никогаш не го користи тој мерцедес. Мерцедесот е дел од судска постапка и се додека постапката е активна, мерцедесот ќе остане таму каде што е, во дел од таа судска постапка на СЈО. Во истиот момент кога ќе заврши, кога ќе биде овозможено негово менаџирање во иднина, ќе видиме што ќе се случи. Но, Владата набавува нови возила за Службата на прва помош- подвлече Бошњаковски.

На прес-конференцијата во Владата двајцата портпароли подетално објаснија дел од одлуките што беа донесени во рамки на вчерашната 126 седница.