Од 70-те нови репроектирања на автопатот Кичево – Охрид за два месеца државата изготви и одобри 35 проекти. Силно сме посветени на завршување на автопатот, уверуваме дека државата ќе ги исполни сите обврски од договорот. Очекувам штпо побргу Собранито да го изгласа анексот на договорот за да се овозможи силна градежна активност на автопатот, изјави министерот Благој Бочварски при денешната посета на општина Охрид.

Тој потенцира дека со анексот на договорот не се предивдени дополнителни финансиски средства, додека изведувачот има обврска со конкретни рокови да ги заврши петте делници од автопатот, односно да биде целосно завршен до декември 2023 година. Во рамките на посетата на општина Охрид со градоначалникот Константин Георгиевски изврши увид во рехабилитираната улица Абас Емин, каде што Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид со инвестиција од 40 милиони денари извршија комплетна реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, како и поставување нов асфалт.

Денеска двајцата го потпишаа договорот за реконструкција на локалната улица Македoнски просветители во центарот на градот како дел од проектот за реконструкција на локалните патишта во општините.

„Новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветление. Возните ленти, такси-паркингот, тротоарите и велосипедската патека ќе бидат изведени од гранитни камени плочи. Во должина на улицата планирано е изведување среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед од двете страни. Сакам да потенцирам дека ова е проект што значително ќе го подобри изгледот на градот, модерен проект, со кој ја зголемуваме и безбедноста на граѓаните на улиците. Целокупната инвестиција чини речиси 38 милиони денари“, изјави министерот Бочварски.

Градоначалникот Константин Георгиевски најави нови инфраструктурни проекти за Охрид.

„Оваа можност сакам да ја искористам за да ја информирам јавноста дека Општина Охрид набргу ќе почне со реконструкција на улиците Прилепска, Будва и Прва македонска ударна бригада, делница 2. Исто така, сакам да го најавам и почетокот на реконструкцијата на улицата Гоце Делчев, која ќе се реализира преку програмата на ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти и со средства од буџетот на Општина Охрид“, посочи Георгиевски.