Водата во Штип е безбедна за пиење, изјави градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој заедно со заменик министерот за локална самоуправа и просторно планирање, Јани Макрадули, беа на увид по течението на река Брегалница, која пред три дена побеле откако во неа се излеа течност од фабрика во ТИРЗ зоната. Исто така, материјата којашто истекла не предизвикала оштетувања на животинскиот и растителниот свет.

– Јас сум на страната на правдата и мора оваа работа да ја истераме до крај со цел да излезе вистината на виделина. За среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја. Во наредните денови ќе се вршат анализи од водата за пиење од чистата вода којашто е излезена од филтер станицата во Штип и секако сировата вода којашто е пред влезот во филтер станицата и од водата во градскиот водовод – истакна градоначалникот Бочварски.

Тој кажа дека анализите на Центарот за јавно здравје и ЈП „Исар“ покажале дека водата е со ист квалитет.

– Тоа е добрата вест којашто сакаме да ја знаат граѓаните. Дополнително материјата којашто е истечена е само транзитно помината низ реката и првите анализи покажаа дека нема никакви оштетувања на животинскиот и растителниот свет – истакна Бочварски.

Заменик министерот Макрадули истакна дека државниот инспекторат и локалната самоуправа одговорија брзо и експресно за решавање на овој проблем.

– Државниот инспекторат донесе една првична казна, а кога ќе се добијат анализите од лабораторијата и кога ќе се состави досието, тогаш ќе се донесе конечната одлука за висината на казната – истакна Макрадули.

Пред три дена Брегалница доби невообичаена бела боја. Беше утврдено дека реката ја загадила фирма добавувач во ТИРЗ зоната во Штип.