Судењето на Македонецот Борче Ристевски (54) кој е обвинет за убиство на неговата сопруга во Австралија, ќе почне во март в година, објавува австралискиот весник „Ејџ“. Предвидено е во судскиот процес да се појават 60 сведоци, кои биле одбрани од листата на потенцијални сведоци со 120 имиња.

Македонецот од Австралија се соочува со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.

Ристевски се појавил на рочиштето пред Врховниот суд на австралиската сојузна држава Викторија, преку видео-линк во петокот, откако претходно се изјасни за невин за убиството.

Судскиот процес е закажан за 12 март в година, а се очекува да трае пет недели, поради големиот број на докази што треба да бидат претставени. Одбраната се согласила со предлогот на обвинителството за траењето на судењето.

Карен (лево) со Борче и со нивната ќерка Сара