Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проблемот се појавува поради тоа што нашата држава се води по грегоријанскиот календар, а МПЦ по јулијанскиот календар. Тоа значи дека на 7 јануари, кога се слави Божиќ во земјата, за МПЦ тоа сѐ уште е 25 декември

Дали православниот Божиќ треба да се слави пред или по Нова година, односно според грегоријанскиот календар на 25 декември или според јулијанскиот на 7 јануари, како што практикува Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Оваа тема со години се наметнува, пред сѐ, од страна на здруженијата на стопанствениците во земјава, кои од практични причини сакаат временски да го усогласат своето работење со партнерите во странство, каде што најчесто се празнува според грегоријанскиот календар. Но најновиот обид за отворање на темата предизвика жестоки реакции, пред сѐ на социјалните мрежи.

Имено, овој пат, скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја повика МПЦ да го смени датумот на празнување на Христовото раѓање од 7 јануари на 25 декември, за да може, како што рече, празничната атмосфера во градот да го опфати и православниот Божиќ.

– За да може атмосферата да остане на градскиот плоштад во Скопје и по Нова година, можеби вистинското прашање е зошто МПЦ не го смени календарот, па да го славиме Божиќ како цел свет – посочи Шилегов.

Отец Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, за вели дека МПЦ сѐ уште не размислува за промена на календарот, додека тоа не се случи соборно, односно да биде одлука на сите православни цркви.

– И кај нас во МПЦ празнувањето на Божиќ е по стариот календар на 25 декември, а според новиот на 7 јануари. Некои цркви го смениле празнувањето на Божиќ и го слават во декември, а Велигден го празнуваат по стариот календар, заедно со нас. Тоа е зашто постои правило во црквата дека Велигден не смее да се падне заедно со еврејската Пасха. Со промена на календарот ќе се доведеме сите празници да ги славиме по новиот календар, а Велигден по стариот календар, што нема некоја логика – објаснува отецот.

Според него, богослужбената традиција на црквата е поврзана со стариот календар.
– Истото е и со нашата народна традиција, која е поврзана со стариот календар, затоа и 2 август е на Илинден. Треба да го менуваме календарот само поради Божиќ, односно поради тоа за Нова година да не се пости, што веројатно за некои е голем проблем – посочува отец Бобан.

Теолозите, пак, објаснуваат дека кај нас, како и кај повеќето православни земји, црквата се придржува до јулијанскиот календар, јавувајќи се со тоа како заштитничка на традицијата.

– Треба да се знае дека самиот календар не е дел од учењето на црквата, така како што е догматиката, односно главните начела на православната вера, а кои се однесуваат на божјата суштина, воплотувањето на Христа, улогата на пресвета Богородица и човековото битие како икона божја. Тој е дел од црковната култура, дел од црковната традиција, дел особено практичен, дел што се оправда себеси со илјадалетната историја. Но со оглед на тоа што во практична и државна употреба е григоријанското мерење на времето, полека од свеста на луѓето се губи споменот за вистинските датуми на празнувањето на празниците – посочуваат теолозите.

Инаку, проблемот се појавува поради тоа што нашата држава се води по грегоријанскиот календар, а МПЦ по јулијанскиот календар. Тоа значи дека на 7 јануари кога се слави Божиќ во земјата, за МПЦ тоа сѐ уште е 25 декември.


Јулијанскиот и грегоријанскиот календар

Постојат два календара, еден древен, таканаречениот јулијански календар, кој бил изработен во 46 г. пред Христа од страна на александрискиот астроном Созиген, а по иницијатива од римскиот владетел Гај Јулиј Цезар. Но јулијанскиот календар не е сосема точен: тој се разликува за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева (тропска) година. Таа разлика денес изнесува 13 дена. Подоцнежниот календар е грегоријанскиот, исто така црковен, изработен по указ на папата Григориј кон крајот на 16 век. Овој календар стана примарен во католичка Европа. Потоа, од практични причини постепено почнаа да го примаат и другите народи, и денес се користи на глобално ниво.
По јулијанскиот календар, покрај нашата црква, Божиќ го слават Руската, Српската, Украинската и Ерусалимската црква.
По грегоријанскиот календар, Божиќ слават Вселенската, Александриската, Антиохиската, Грчката, Романската, Бугарската, Албанската, Кипарската, Полската, Чешката и Словачката православна црква.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]