Благодатниот оган што секоја Велика сабота веќе два милениума чудесно се појавува на гробот на Исус Христос, денеска од Ерусалим преку Софија ќе пристигне и до православите верници во Македонија.

Ова е прв пат МПЦ-ОА за Велигден официјално да го добие Благодатниот оган и тоа со помош на Бугарската православна црква.

Митрополитот брегаланички Иларион со благослов на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, вечер на софискиот аеродром ќе го преземе Благодатниот оган од бугарскиот митрополит Антониј кој ќе го донесе од Ерусалим.

Владиката Антониј треба да слета на аеродромот во Софија во 19:30 часот по бугарско време, по што Благодатниот оган ќе биде пренесен до сите храмови во Бугарија и во Македонија.

Брегалничкиот владика Иларион од Софија со хеликоптер ќе го донесе Благодатниот оган во Скопје од каде ќе биде разнесен до сите православни светлишта низ Македонија.

Благодатниот оган се пали на чудесен начин секоја година на Велика сабота на гробот на Исус Христос во Ерусалим. Благодатниот оган се смета за чудо во православието, бидејќи се пали единствено во рацете на ерусалимскиот патријарх и во првите моменти не зрачи топлина и не предизвикува изгореници.

Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа.

Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот.