Општината Битола наскоро ќе формира јавно претпријатие за стопанисување со паркинзите, решија општинските советници, откога во изминатите неколку години со паркинзите стопанисуваше приватниот концесионер „Стентон градба“. Со тоа новото градско раководство покажа дека не е задоволно од тоа како во Битола во изминатите неколку години функционираше зонското паркирање.

Иако зад иницијативата за формирање јавно претпријатие што ќе стопанисува со паркинзите во Битола на почетокот застанаа сите советници од сите партии, сепак на последната седница на советот, кога точката беше ставена на дневен ред, се отвори жестока расправа за (не)решавањето на овој проблем, кој во изминатите години најмногу ги нервираше и иритираше битолчани.

Советниците од опозицијата остро се спротивставија на ваквата иницијатива, бидејќи, според нив, таа била поведена од чисто популистички побуди, пред одржувањето на референдумот, за, како што рекоа, владејачкото мнозинство да им се додвори на битолчани, кои во најголем број ја поздравија. Наспроти таквото нивно тврдење, мнозинството во советот ја обвини претходната власт дека со давањето на паркинзите на концесионерот, кој е близок до ВМРО-ДПМНЕ, не само што не беше решен проблемот со паркирањето во Битола туку уште повеќе беше продлабочен. Освен тоа, тие тврдат дека од издавањето на паркинзите на приватен концесионер општината Битола немала никаква корист и дека единствениот што профитирал од воведувањето на зонското паркирање во Битола бил концесионерот.

– Сега, кога се наоѓаме на прагот на одржувањето на референдумот за промена на името, мнозинството во советот предлага формирање јавно претпријатие за паркинзи без притоа да има подготвено каква било анализа или студија, план за тоа како ќе изгледа новиот начин на паркирање во Битола и каква би била бенефицијата од тоа. Власта ова го предлага од чист популизам, доста нестручно, со само една реченица образложение, без притоа да каже какви проблеми се затекнати, што ќе реши ова, како ќе функционира, ниту пак што ќе се случи со сегашните стотина вработени во „Градски паркинзи“ откако ќе се формира новото јавно претпријатие – обвинија од опозицијата.

Но дека опозицијата не е единствена во своите ставови кога станува збор за поведувањето на иницијативата за формирање јавно претпријатие за паркинзи, најдобро потврди советничката Габриела Илиевска од независната група „Поинаку“, која нагласи дека претходно неколкупати гласала против веќе склучениот договор за градски паркинзи, кој создал хаос во сообраќајот во Битола и дека парите на граѓаните се злоупотребувале.